Основата или фундаментот на современиот слободно-масонски Ред ја претставува таканаречената “Сина Масонерија.” Таа е поделена во три степени и тоа: прв или ученички степен, втор или помошнички степен и највисокиот степен на Мајстор Масон.
Браќата Слободни Масони, сега веќе скоро три века практицираат ритуална работа во “Отворена Ложа за секој степен посебно. Членовите на организацијата всушност непосредно се запознаваат, ги учат и континуирано ги усовршуваат базичните правила и високоморалните, етички лекции, преку нивното редовно учество во ритуалната работа. Слободно-Масонските “ритуали”, претставуваат импресивни драмски дејствија каде секој збор од текстот, секој интерпункциски знак, секое движење и активност, се проткаени со длабока симболика.
Во традиционално неменливите драмски дејствија на ритуалот во сите три степени, се следат и користат метафорични форми и езотерични симболи преземени од “старите Масони-градители” издвојувајќи го како место на случување и централна тема – процесот на изградба на библискиот Храм на Кралот Соломон со кој раководи Мајсторот Хирам Абиф.
Начинот на работа на градителите, нивните обичаи и алатки, се инкорпорирани во овие драмски игри на длабоко инспиративен текст и движења полни со симболика, како алегориски водичи во процесот на воведување, градење и усовршување на системот на
“вистинските” човечки вредности.
ЛИНЕАР, ЧЕКАН, ДЛЕТО, АГЛОМЕР
Така “Линеарот од 24 инчи”, кој за оперативните ѕидари традиционално има практична употребна вредност при изведување на нивната градителска работа, за мисловните Слободни Масони има длабоко симболично значење како еден од “алатите” и помошните орудија, кои тие ги користат за да ги пренесат моралните поуки и етичките лекции.
Во таа смисла, во масонската Ложа, линеарот ги претставува 24-те часа на денот од кои дел треба да минат во молитва кон “Врховното Битиее, дел во работа и одмор, а дел да му се посвети и да му се помогне на пријателот или Братот доколку им затреба помош, но без таквиот ангажман да на било кој начин “ти наштети тебе или пак на твоите најблиски.”
“Чеканот”, со кој градителите ѕидари ги отстрануваат грубите нерамнини од каменот, во ритуалната работа, всушност ја симболизира силината на свеста, која треба да ги спречува сите залудни и неостварливи мисли и да му се овозможи на мисловниот Масон неговите зборови и дела, слободни и неизвалкани да се извишат до “Тронот на Милоста.”
“Длетото”, практично служи како алатка со која продолжува понатамошната обработка, подготовка и мазнење на градителскиот камен. Во спекулативната Масонерија пак, длетото укажува на големите предности на учењето, на едукацијата со која Браќата се усовршуваат и стануваат се подобри припадници на регуларно организираните општества.
“Агломерот”, е мерно орудие со кое се проверуваат и дотеруваат правите агли во градењето на градбите, помагајќи им на ѕидарите успешно да ја доведат необработената материја во посакуваната форма. Кај Слободните Масони, агломерот учи на потребата од моралност и исправност во животот.
ЛИБЕЛА, ВИСОК, КАЛЕМ, МОЛИВ
“Либелата”, вообичаено служи за проверка на рамнотежата, балансот и за да ја потврди исправноста на хоризонталните градежни линии. Мисловните Слободни Масони, во либелата пронаоѓаат поука за еднаквост и урамнотеженост на своето однесување и постапки.
“Високот”, логично им помага на ѕидарите да ги проверат и дотераат вертикалните линии на градбата, а во Ложата укажува на извонредно големото значење на правдата, правилното однесување, исправните намери и “целосната исправеност” во животот и активностите на Браќата.
“Калемот”, во градителската традиција, е алатка која е врзана за централен клин и им помага на мајсторите ѕидари “да се повлече линија и да се означи просторот каде што ќе бидат поставени темелите на идната градба. Во ритуалната работа на масонската Ложа, калемот симболично укажува дека вистинскиот и непогрешлив начин на човековото однесување е впишан во “Светата Книга” и треба беспоговорно да биде спроведуван.
Со “Моливот”, искусниот уметник-архитект, ја исцртува скицата или проектниот план на градбата, како упатство и инструкција за градителите – ѕидари. Во мисловната Масонерија, моливот е “алатка” која ги учи Браќата во Ложата, дека нивните зборови и нивното однесување се будно надгледувани и забележани од “Големиот Архитект” на кого симболично мораат да му поднесат отчет за начинот на нивното живеење.
ШЕСТАР
Највпечатлива и несомнено најупотребувана алатка, која ја симболизира “поврзаностаа на оперативните градители и мисловната Масонерија, секако е “Шестарот”.
Тоа е извонредна алатка која на мајсторот-архитект му овозможува со голема прецизност да ги утврди крајните точки, како и точните пропорции на сите делови на основата на градбата. Слободните Масони пак, во шестарот (беспрекорниот круг и централната точка), го препознаваат симболот на “Врховното Битие” и “Неговата” непристрасна и непогрешлива правда, определувајќи ги границите на доброто и злото.
Но сепак, колку и да е неспорна симболичната поврзаност, колку и да е предоминантно и широко прифатена значајната улога која оваа теорија им ја доделува на средновековните еснафи и градителите каменоресци, таа, сепак, не го нуди конечниот или неприкосновен одговор на прашањето – “Кога, зошто и каде настанала Масонеријата!?”
Не смееме некритички да запоставиме некои суштински карактеристики типични за средновековните еснафски здруженија, кои, од друга страна пак, тешко се вклопуваат и тешко се објаснуваат во контекст на потрагата по корените на современата масонска огранизација. Тука повторно ќе го насочам вашето внимание на истражувачката работа на таа тема од John J. Robinson и неговата книга “Родени во крв – загубените тајни на Масонството.”
Тој потсетува дека “еснафот” всушност и не бил здружение на градителите, туку асоцијација на претприемачи и сопственици, а нивниот мотив во професионалниот ангажман секако бил “профитот” преку задржување на затвореноста и монополната позиција.
Нивниот најголем и најзначаен “клиент”, односно нарачател на градби, била католичката Црква и нормално тие биле особено лојални кон неа. Еснафите биле мошне религиозни, имале свои светци-заштитници, поседувале свети реликвии и претставувале силна потпора на Црквата, давајќи и подароци во пари и вредни предмети.
Оттаму, тие не биле во никаков конфликт со Црквата и тешко би можело да се докаже и прифати дека биле директни иницијатори на “Братство” кое не е религиозно исклучиво, односно не е поставено ексклузивно на христијанската етика, туку ги прима сите “добри луѓе” кои веруваат во кој било облик на монотеистичко Врховно Битие!?
Во таа смисла кога во масонските ритуални текстови, со симболично значење се формулирани драматичните казни предвидени за Братот Масон кој евентуално би ги прекршил
правилата или би открил некоја тајна за својот Брат (што би резултирало со губење живот или имот), Робинсон заклучува дека тоа би било сосема бесмислено да се поврзува со здруженијата на каменоресците.
По малку саркастично тој забележува – “… Каква тајна тоа би можел да има еден каменорезец чие откривање би можело да претставува закана за неговиот живот и имот, или пак живот и имот на негов Брат – каменорезец!?
Нов генијален начин на држење на длетото!? Формула за пресметување на оптоварувањето врз темелите!? Каква е таа тајна чие откривање од “властите” би можело да го загрози животот на Братот Масон!?…”
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата