Дејан Георгиевски испиша со сребрени букви нови страници во спортската историја на Македонија, откако нашиот таеквондист стигна до второто место во категоријата над 80 килограми на ОИ во Токио.
По извонредните настапи на претходните три борби, македонскиот ас го загуби големото финале од Русинот Ларин со резултат 15-9. Рускиот фаворит делуваше импресивно во текот на целиот турнир, Георгиевски му содаде убедливо најголеми главоболки, но за жал и тоа не беше доволно за да се стигне до победата.
Пресуден беше ударот на Ларин во главата на Георгиевски, со која Русинот поведе со 13-8 и си го трасираше патот до триумфот, изразен со конечни 15-9.
Поразот не ја намалува големината на успехот на македонскиот таеквондист, кој стана прв во историјата на нашата земја што стигнал до едно олимписко финале. На 22 години, јасно е дека пред Дејан Георгиевски е блескава иднина во која тој и на наредните големи натпреварувања ќе биде сериозен адут на Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата