Поради закани, а по проценка на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, полиција го чува поглаварот на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху. На секој настан, за време на престојот во џамија како и на останатите негови појавувања неколку полициски службеници се грижат за безбедноста на поглаварот. Според официјалниот одговор на МВР за мкд.мк, полициските службеници се ангажирани да се грижат за безбедноста на поглаварот бидејќи се исполнети условите за тој да добие обезбедување ако има закани и опасности по неговиот живот.
„Поглаварот на Исламската верска заедница во РСМ се обезбедува по основ на член 5, став 4 од Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обебедување, каде што согласно посочената нормативна одредба стои дека: "... може да се определат мерки и активности за обезбедување и за други личности кои извршуваат јавни функции по нивно барање, во зависност од безбедносната проценка, доколку е проценет висок степен на опасност по нивниот живот и личен интегиртет, а поради извршување определени дејства во вршењето на нивната функција", одговорија од МВР.
Според тоа, бидејќи се исполнети условите за обезбедување согласно наведената Уредба на посоченото лице со решение му се определени мерки и активности за обезбедување, додаваат од МВР.
Според член 5 од Уредбата на која се повикува МВР, врз основа на претходна безбедносна проценка изготвена од Министерството за внатрешни работи, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат
редовни мерки и активности за обезбедување на следниве личности: министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител и претседателот на Уставниот суд.
За личностите од ставот 1 на овој член, во случаи кога е оценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат вонредни и посебни мерки и активности за обезбедување за времетраење на опасноста.
Со вонредни мерки и активности за обезбедување се обезбедуваат и кандидатите за избор на претседател на државава за времетраење на изборната кампања. Од страна на министерот за внатрешни работи може да се определат мерки и активности за обезбедување и за други личности кои извршуваат јавни функции по нивно барање, во зависност од безбедносната проценка, доколку е проценет висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, а поради извршување на определени дејствија во вршењето на нивната функција.
Шаќир Фетаху со 18 гласа за и 3 против беше избран за поглавар на Исламската верска заедница во ноември, 2020 година.
„Нашиот пат ќе биде знаење, транспарентност и неуморна работа во служба на верниците и граѓаните. Тоа ќе биде ИВЗ која со мудрост ќе одговори на сите предизвици што ги носи времето", рече по изборот тогаш Фетаху.
Тој е со децении во ИВЗ, почнувајќи со должноста како имам 2 години, 9 години како наставник во исламското средно училиште „Медреса Иса бег" во Скопје, 9 години во Медресата за девојчиња во Гостивар, директор во повеќе сектори на ИВЗ, потоа 18 години муфтија на гостиварско муфтиство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата