Додека поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски е во истражниот затвор во Шутка, на виделина испливаа нови скандали со софтвери и сервери за кои веќе се гони кривично за злоупотреба на службена должност.
Фирмата на Рашковски освен што го набавила спорниот сообраќаен софтвер, го одржувала и хостингот на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев, а при претрес во неговата канцеларија на Правниот факултет бил пронајден и софтверот за прашања на кандидатите.
Фирмата Инвока Груп го сервисираше хостингот, а серверот со прашањата се наоѓа при Владата. Со оглед на тоа што оваа фирма сега е опфатена со постапка, Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев преку Влада ќе бара друга фирма, потврди Наташа Габер Дамјановска, директор на Академија за судии и јавни обвинители за Канал 5.
Премиерот ја уверува јавноста - немало злоупотреби.
Во ВМРО-ДПМНЕ пак воопшто не се сомневаат дека Рашковски ги имал прашањата за испитите за прием на академијата за судии и обвинители. Велат имало многу голем број на кандидати кои го положиле тестот без ниту една грешка а меѓу нив и голем број синови, ќерки и роднини на функционери на власта.
Опозицијата бара Обвинителството да ги повика на распит сите кои го положиле тестот и да истражи дали Рашковски и Инвока одлучувале кој ќе биде судија и обвинител а кој не. Аферата Рашковски од завчера е во Шутка откако судот ја прифати жалбата на обвинителството за куќниот притвор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата