Инетрент измама со продажба на лажни “Трамп вредносни картички и апоени“ со кои ако ги купите сега ќе вредат десет или повеќе пати откако Трамп ќе победи на изборите во САД - се вртат по интернет, наседнуваат и плаќаат наивните, а патот до изворот на измамата води до - нашиот Велес. Во прашање се заработки од милиони долари.
Од 69 креатори на слични производи за продажба, врз основа на податоците од социјалните мрежи, може да се утврди дека најмалку 45 од нив како локација го поставиле македонскиот град Велес.
Меѓу нив има и такви кои се претставуваат како студенти, но и такви кои наведуваат дека водат детски игротеки, продаваат машки костуми или дека биле сопственици на локална месарница... РСЕ (Радио слободна Европа) контактираше неколкумина, но никој не беше расположен за разговор.
„Дел од младите најдоа начин да заработат сериозни финансиски средства со брза заработка, но сега гледам дека и следните генерации млади луѓе одат по тој чекор на заработување.“, рече Колев.
Појавата не е нова, вели Колев, но нагласува дека во градот само се шпекулира што се случува и дека слушнал дека се продаваат „некои Трамп производи“.
Сè ова е еден вид јавна тајна, вели тој.
„Искрено не знам колку е ова легално или нелегално, но веројатно има злоупотреба бидејќи дел од работите кои се пласираат на тие (Телеграм) групи се дека „кога би дошол Трамп на власт дел од работите кои се продаваат ќе имаат поголема вредност“. На тој начин се манипулираат граѓаните на САД“, вели Колев.
Тој наведува и дека за настаните не разговарал со надлежните за истраги, бидејќи, како што вели, нема доволно докази.
Дека не е се легално смета и ИТ инженерот, Борче Пејчев кој се согласи да ги сподели своите сознанија со РСЕ. Пејчев живее во Велес и денес работи како програмер во меѓународна ИТ компанија.
„Претходно ме контактираа за да им изработам сајтови, но сега за да им изработам скрипти. Но јас сите ги одбив. Ми рекоа сакаш ли да ни изработиш скрипта, ќе земеш процент од тоа. Но јас им реков дека не сакам“, вели Пејчев, додавајќи дека вистинската причина за одбивањето е тоа што не сакал „да им помага на луѓето кои го прекршуваат законот“. Тој не сака да открие за кои сајтови станува збор за, како што рече, лична безбедност.
Во Велес има посебно име за новите генерации кои работат во бизнисот со продавање картички.
„Кога ќе видите низ градот, на пример, дваесетгодишник како вози бесен автомобил, знајте дека тоа се она што овде го нарекуваме „кликачи“. Затоа што всушност нивната работа е сведена на тоа, кликање“, вели Пејчев.
Градоначалникот на Велес, пак, посочува дека тие скапи автомобили што се гледаат низ градот се еден вид реклама за да се вклучат повеќе луѓе во бизнисот.
„Не можеш некој сега да го тераш да работи и да се развива чекор по чекор кога некој негов врсник преку ноќ заработил пола милион евра, еден или два милиони евра. Кога за шест месеци можеш да го видиш во Дубаи како се вози на јахта како ти да го тераш неговиот врсник да биде инженер и да работи за просечна плата во локална фабрика?“, прашува градоначалникот на Велес.
Еден сајт е деактивиран по прашањето на РСЕ

Еден од сајтовите каде на почетокот на февруари се продава еден од многуте видови „Трамп картички“ е регистриран на име на велешанецот Борче Велковски, кој за РСЕ изјави дека неговата улога во бизнисот е мала.
„Таму беше ставено само на мое име бидејќи имам некои партнери што работат и не им било дозволено и беше на мое име ставено. Сега од ова имам процент од таа работа, ама не е ништо посебно.“, вели Велковски, без да прецизира колкава сума.
Тој тврди дека сè околу страницата работат други луѓе.
„Има работи кои јас не можам и не сакам да ги кажам, кои ми се партнери и такви работи. Тоа си е дискреција. А си работат како секој што работи во цел свет, си продаваат што било, било какви работи. Така и ова се продава. Не знам што е спорно“, додава Велковски.
Со тврдењето дека е „на сосема друга страна“, Велковски рече дека тој сајт ќе го деактивира, што неколку денови после разговорот за РСЕ и го стори.
Дипфејк и модифицирани фотографии како реклама

Анализата на РСЕ покажува дека не може да се врши продажба преку спорните картички.
Конкретно, картичката TRB Collect што ја купи пензионерката од Тенеси е производ кој е креиран во затворениот Телеграмски канал „TRB Collect Card + Save America Coin“.
Каналот, како што може да се види на него, започнал со работа на 12 септември 2023 година. Упатствата за продавачите се на македонски јазик.
Речиси секој ден на каналот се поставуваат огласи, кои продавачите треба да ги шират на другите отворени канали на Телеграм каде се собираат оние кои немаат доверба во конвенционалните медиуми.
За четири месеци, на овој канал се поставени повеќе од 150 огласи за привлекување американски клиенти.
Рекламите создадени за овие потреби се илустрирани со фотографии на Трамп, членови на неговото семејство, соработници и јавни личности кои ги држат овие производи во свои раце.
Речиси сите фотографии се лажни - односно модифицирани со софтвер на тој начин што картичките и монетите дополнително се вметнуваат на оригиналните фотографии.

Така на лажните реклами на овие производи се најдоа претприемачот Илон Маск (Elon Musk), актерите Џејмс Вудс (James Woods) и Расел Бренд (Russel Brand), новинарите Такер Карлсон (Tucker Carlson) и Сем Шапиро (Shapiro), синот и ќерката се на Доналд Трамп - Доналд Трамп Џуниор и Иванка Трамп и многу други ...
И видеата на кои Трамп рекламира TRB картички и вели дека тоа е уникатен производ од кој сите ќе заработат пари се дипфејк, односно се создадени со помош на една форма на вештачка интелигенција (deep learning) која може да манипулира со изразите на лицето , синтетизираат говор и лице и на тој начин произведуваат лажни изјави.
Дека се работи за лажни снимки, покажува и апликацијата Deepware, алатка која комбинира неколку системи кои може да се користат за да се провери постоењето на dееpfake технологија во видеата:
Deepware апликацијата покажува дека видеата поставени на Телеграм во јануари се лажни (deepfake)
Deepware апликацијата покажува дека видеата поставени на Телеграм во јануари се лажни (deepfake)
Ваквите реклами и понатаму се шират во отворени канали каде што се споделуваат лажни вести, теории на заговор познати од голем број конзервативни американски блогови, во вестите се величаат успесите на Трамп, а претставниците на администрацијата на претседателот Џо Бајден се остро критикувани.
Како се создаде мрежата на сајтови за продажба?
Линковите од Телеграм водат до многу слични сајтови. Текстовите на сајтовите се многу кратки и во многу случаи копирани.
Од 88-те анализирани сајтови со помош на алатката DomainTool, со едноставно пребарување не е можно да се откријат сопствениците на ниту еден од нив. Домените се регистрирани кај американската компанија NameCheap INC. Адреса на сајтовите во скоро сите случаи е во градот Рејкјавик, Исланд.
„Исландската компанија која постои за да се скријат вистинските сопственици на сајтовите, се вика Witheld for Privacy, а исландската полиција ја истражува оваа компанија“, изјави за РСЕ Штајнар Кр Омарсон, детектив и главен инспектор на исландската полиција.
Тој додава дека компанијата нема вистинска локална канцеларија, реални операции, ниту некој вистински персонал на Исланд и додава дека нивната истрага покажала дека компанијата е филијала на американската компанија Name Cheap.
„Се чини дека главната причина за постоењето на исландската компанија е да се прикрие патот, за официјалните власти да дојдат до релевантни информации во нивните истраги“, нагласува Омарсон и додава дека Исланд ќе соработува во истрагата доколку добие барање од надлежните власти на други земји.
Која е улогата на CopeCart како платформа за плаќање?
Дигиталната патека од сајтовите дополнително ги води клиентите до платформата за плаќање, која во овој случај е CopeCart. Оваа компанија е формирана во Германија и нејзината филијала во САД има лиценца за бизнис во Флорида од јануари 2022 година.

Токму на американскиот дел од платформата се регистрирани повеќе од 80 веб-страници кои ги анализираше РСЕ. Со прегледување на производите кои се регистрирани на платформата може да се утврди дека 90 отсто од понудите на виртуелните трговци во продажбата се „Трамп картички“, монети и слични производи од овој тип.
„Кога прашувате за 90 проценти од понудените производи... да не дојде до забуна, не постојат производи или услуги што ги продава CopeCart. Тоа е пазар (marketplace) преку кој мал процент од продавачите нудат провизии за своите производи. Овој сет на производи не е репрезентативен за производите и услугите што се продаваат со помош на технологијата CopeCart“, тврдат претставници на оваа компанија во нивните e - маил одговори.
Менаџер на CopeCart во Флорида е Всеволод Онишкевич.
Во краткото интервју за РСЕ, тој постојано тврдеше дека платформата CopeCart нема толеранција за каква било измама. На изјавата дека голем број луѓе на интернет се жалат дека ги измамиле купувајќи производи со Трамп преку оваа платформа тој вели.
„Доколку има измама, прво треба да контактираат со продавачите, тие можат да контактираат и со нас или со нивната банка“, вели Онишкевич. На прашањето дали овие случаи ги пријавиле кај надлежните, вели дека „строго ги следат процедурите“.
Од компанијата велат дека имаат „строга политика на нулта толеранција во однос на продажбата на одредени производи“. Сите понуди слични на сувенири мора да наведат дека „немаат парична вредност“.
Сите производи што ги анализира РСЕ имаат предупредување во описот дека се сувенири.
Банкоматот само ја врати картичката назад
Повторно се враќаме на искуството на Ен Бретон. Кога купила дваесет картички од колекцијата со Трамп, се обидела да повлече пари од банкомат.
„Поентата беше дека ќе можам да одам на кој било банкомат и да подигнам готовина и го направив тоа. Банкоматот автоматски ја исфрли картичката назад“, вели Ен Бретон.
Таа се обидела да подигне пари на неколку банкомати, вклучувајќи ја и Bank of America.
Во бројни лажни огласи се споменува можност за подигање пари од банкомати. Bank of America, една од најголемите комерцијални банки во САД, е најчесто споменуваната банка каде наводно може да се подигнат пари.
„Bank of America нема никаква врска со тие производи. Тие се сувенири“, изјави за РСЕ Вилијам Халдин, претставник за медиуми на Bank of America (BOA), додавајќи дека нема точни извештаи за тоа колку луѓе се обиделе да заработат од овие производи.
На прашањето дали може да објасни дали овие картички може да се наплатат во BOA на кој било начин, Халдин вели дека мора да биде целосно краток:
„Не, нема шанси“.
РСЕ, исто така, испрати барање според Законот за пристап до информации до Федералната трговска комисија на САД, која треба да ги заштити потрошувачите во вакви случаи, со прашања во врска со можните апликации на кои работат, но до моментот на објавувањето на овој текст не пристигна одговор.
Ако звучи премногу добро за да биде вистина, веројатно не е

Скот Е. Огенбаум (Scott E. Augenbaum), пензиониран агент на ФБИ за РСЕ вели дека најтешкиот дел од работата е како да се објасни на граѓаните кои на овој начин купуваат некои предмети дека никогаш нема да ги добијат своите пари назад.
„Ако звучи премногу добро за да биде вистина, веројатно не е. Само им велам на луѓето, бидете внимателни. Затоа што ако ја имавме оваа една дама во Тенеси, ви гарантирам дека постојат илјадници луѓе кои паѓаат на оваа измама“, вели Огенбаум.
„Во Соединетите Држави, во ФБИ, имаме нешто што се нарекува Центар за пријавување на криминал на интернет, и тие ги земаат сите овие пријави што доаѓаат од пошироката јавност и ги собираат и потоа отвораат случаи ако сумата е доволно висока“, објаснува Огенбаум.
Од ФБИ, која е одговорна за истражување на овие видови измами, кратко одговорија дека „по правило, тие не даваат никакви изјави за можни истраги кои се во тек“. На овој начин, патот дали некоја истрага води кон Северна Македонија остана неодговорен.
Во Македонија нема пријава за измама

Блажо Трандофилов, директор на македонската управа за финансиско разузнавање, за РСЕ вели дека голем дел од парите што ги заработуваат овие групи не се видливи, а можно е да се добијат и во други земји.
„Доколку некој се пријави во американските разузнавачки служби, процедурата е дека тие ќе не информираат. Но, немаме добиено такви известувања, ниту пријави за некаква измама“, вели Трeндaфилов.
Според податоците на македонската Управа за јавни приходи, за последните две години 98 лица од подрачјето на град Велес, на возраст до 35 години, пријавиле приход од САД во износ од 634.198.939,00 денари (повеќе од 11 милиони долари).
Како што наведуваат во своите одговори за РСЕ, најголем дел од овие приходи се остварени од маркетинг и интернет услуги.
Ен Бретон од Тенеси за РСЕ вели дека сè уште не го пријавила својот случај бидејќи „ја чека последната шанса“. Еден ден пред да разговара со РСЕ, таа повторно била контактирана од TRB подршката. И било кажано дека ќе ги загуби сите нејзини инвестиции доколку не вложи уште 400 долари.
Таа вели дека сака уште еднаш да се обиде да ги спаси своите влогови пред да оди во ФБИ.
„А што би сториле вие?“ прашува Ен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата