Од септември годинава сите медицински сестри и техничари коишто завршиле високо медицинско школо или специјализација и се стекнале со такво образование од 180 односно 240 кредити ќе добијат соодветен надомест за своето образование, информира министерот за здравство Венко Филипче по денешниот состанок со директорите на Фондот за здравствено осигурување Стево Крстевски и Фатон Ахмети, претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита д-р Љубиша Каранфиловски и претставници на Здружението на медицинските сестри, техничари и акушерки.
На состанокот е постигнато решение за проблемот со кој се соочуваат медицинските сестри и техничари вработени во јавно-здравствените установи од 2015 година. Конкретно, направен е анекс на Колективниот договор согласно Законот за здравствена заштита и начинот на којшто се одредува висината на платата.
Станува збор за надоместот за образование на медицинските сестри и техничари коишто завршиле високо школо или специјализација и се стекнале со образование од 180 односно 240 кредити, а до сега тоа образование не им беше платено. Во 2015 година е направен пресек со донесувањето на одлука да се платат само специјализации односно високите школи на тие што до тогаш завршиле и сите медицински сестри и техничари коишто инвестирале во своето образование од 2015 натаму тоа неможе да го валоризираат преку својата плата.
-Благодарение на одличната соработка со двајцата директори на ФЗО на РСМ коишто ги обезбедија средствата и од месец септември оваа година сите медицински сестри и техничари коишто завршиле високо медицинско школо или специјализација и се стекнале со такво образование од 180 односно 240 кредити ќе добијат соодветен надомест за своето образование. Се направи анекс на колективниот договор согласно Законот за здравствена заштита и начинот на којшто се одредува висината на платата. Драго ми е што е ова еден начин на зголемување на примањата на една категорија на здравствени работници коишто навистина несебично се дадоа себеси во менаџирањето на ковид -кризата, изјави министерот Филипче.
Според претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита д-р Љубиша Каранфиловски, кадровските ресурси се најважниот потенцијал во здравството и нивното добро менаџирање и препознавање е основа за успешен здравствен систем.
Каранфиловски појанси дека европските директиви во здравството се во насока на признавање на високото стручно образование на медицинските сестри и техничари и оти нивната препорака е да тој сооднос во здравствените системи се движи 50-50 проценти, 50 проценти на високо стручно образование со 50 проценти средно образование. Со ваквиот пристап, посочува, веќе влегуваме во процес на реализација и препознавање на овие препораки.
-Во нашиот здравствен систем тој сооднос е се уште многу понизок со тоа што негде околу 23 проценти се сестри со високо образовани и техничари со високо стручно образование па се надеваме дека со ваквиот пристап, со овој додаток на образование којшто значи дека вработените ќе ја земат разликата меѓу коефициентот од средно до високо стручно образование ќе значи нивно препознавање во здравствениот систем, изјави Каранфиловски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата