Вчера во зграда во скопската населба Ново Лисиче била избегната вистинска трагедија во која можело да настрадаат станарите, и тоа откако Тодор Митровиќ, зет за сестра на покојниот естраден новинар Зоран Василевски-Фаци, го запалил станот во кој живееше Василевски. Истото се случило и со куќата што ја имаше Василевски во Катланово. Инаку, по смртта на Зоки во станот живеат неговата сестра и двајцата внуци.
Првичните информации говорат дека сестрата и внуците на покојниот новинар подолго време биле жртви на семејно насилство.
За случајот синоќа информираше јутјуберот и близок соработник на Василевски, Стефан Лазаров со апел за поголем ангажман на јавноста, но и надлежните за навремени интервенции во случаи на семејно насилство.
„Зградата се наоѓа веднаш до основното училиште Лазо Ангеловски и не сакам да помислам колку ќе беше страшно доколку комшиите не изреагираа на време, затоа што пожарот започнал во ходникот на зградата и можел да се прошири низ цел спрат! Е сега сѐ ова станува уште по хаотично! Замислете, пожарот е подметнат од таткото на внуците на Зоки (неговиот зет).
Подолг период ги малтретира, им упатува закани по живот, хроничен алкохоличар е, пријавуван е сто пати до сега, со докази за насилство и докази дека им најавува дека ќе ги убие!, вели Лазаров и открива дека се се случувало додека тие ја гаснеле опожарената куќа во Катланово.
Лазаров уште информираше дека Митровиќ е уапсен вчера вечер и околу 21 часот е изведен пред судија на претходна постапка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата