Иако првичниот проект предвидуваше сеча на дрвјата долж улицата „Васко Карангелески” во Општина Аеродром, со новата реконструкција на планот за проширување на улицата се спасуваат околу 100 здрави дрвја.
Градоначалникот Тимчо Муцунски, заедно со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на ЈП „Паркови и зеленило” Ангеле Сотировски денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги објаснија деталните планови за промената на планот и проширувањето на улицата.
-Јас и градоначалничката Арсовска апсолутно сме посветени кон реализација на нашите ветувања. Ветивме дека ќе има нови сообраќајни решенија и токму тоа и го има. Дека ќе биде спасен дрворедот, апсолутно се спасува дрворедот. Според претходниот проект, требало над 100 дрвја да бидат целосно исечени, сега сите тие дрвја ќе бидат спасени, истакна градоначалникот Муцунски.
Градоначалникот ја истакна заложбата на Општината за зазеленување на Аеродром и зголемување на зелените површини, истакнувајќи дека за само неколку месеци на нашата територија се засадени над 400 нови садници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата