Нема греење во инфективното одделение на велешката болница. Смрзнуваат и пациентите во амбулантите и оние на болничко лекување. Инфективното одделение нема греење оти топлата вода додека стигне кај нив се лади, а никој не се ангажира да го реши проблемот.
Ова го вели Славица Трајкова, инфектолог во болницата.
- На температура од 10°Ц во просторијата на специјалистичка амбуланта се прегледуваат пациенти, од деца, па до највозрасни… Ништо поразлично и во болничките соби…Ама таму има ќебиња, вели таа.
Додава дека Инфективно одделение е надворешен објект и долги години има проблем со греењето.
- Парното во болницата е вклучено 2-3 часа наутро и 2-3 часа во вечерните часови, но до инфективното одделение топла вода не иде, се лади додека стигне. Изминатите години на пациентите им се дозволуваше користење грејни тела во собите кои сами ги носеа од дома. Сега е ужас. Се потпишуваат на своја одговорност поради условите и го напуштаат одделот. Проблемот со линијата за парно греење не се реши, а и тешко е во услови на криза од секој аспект“, вели доктор Трајкова за А1.он.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата