Штета е што јавноста не можеше денес, во живо, да го гледа судењето против кардиохирургот Жан Митрев во живо. За само еден ден, без оглед на знаење на правото, ќе видеше зошто обвинителството и судството имаат рејтинг, доверба во јавноста од само 2-3%, и како изгледа договорен монтиран судски случај.
На денешното рочиште сведочеа лица “оштетени“ од Клиниката Жан Митрев со тврдење дека се измамени лично од Жан Митрев затоа што “поради сознанија од медиумите“ решиле да лекуваат свои блиски во клиниката Жан Митрев каде им била применета хемофилтрација, или метод на прочистување на крвта од бактерии и вируси во време на Ковид епидемијата
Основен мотив на сведоците, според личен нивни исказ, е да им се вратат парите кои ги дале за лекување. Симптоматично е што сведоците бараат пари - а не се лекувале тие лично. И Јавното обвинителство ги поддржува. Не само што ги поддржува туку според исказ на сведоци пред судот обвинителката Искра Хаџи Василева колективно ги собрала и им давала насоки како да се пријават за оштетена страна и што би можело да биде измамата од страна на Жан Митрев.
Ниту еден сведок не потврди дека имал било каков контакт со Жан Митрев при кој кардиохирургот би можел да го информира или убедува да прифати метод на лекување кој, според обвинителството, бил измамнички. Експериментален а не стандарден. Инаку, методот е применуван како и во други европски држави, прифатен и кај нас како стандарден, па и тогашниот министер за здравство Венко Филипче апелирал за негова примена и намалување на цената за хемофилтрација што до клиниката Жан Митрев било прифатено. Цените се намалиле.
Дел од триесетина собрани на јавна сеанса во Обвинителството ги прифатило насоките од обвинителката Искра Хаџи Василева со само една сатисфакција, дека ќе добијат пари од Клиниката Жан Митрев. А парите се голем мотив.
Прецизно: не дошле сведоците со свој исказ и детали, туку им се кажани елементите од истрагата и потоа обвинението, до толку што денес имаше сведок кој читаше исказ пред судот од однапред подготвен лист и содржина што директно е спротивно на законот (ЗКП) и потребата од непосредност при сведочењето. Листот со содржината што да каже при сведочењето - го добила од обвинителката!
Сведочењето на Андријана Стојановска, сведок кој имаше пред себе лист со напишани одговори од обвинителката, сестра на лекуван во Клиниката Жан Митрев од Ковид 19 беше пример како изгледа фактографијата и обвиненеието.
Нејзиниот брат бил заболен и го донеле во Клиниката на лекување. Според нејзиниот исказ тие знаеле кои се условите на лекување и истите ги прифатиле. Нејзиниот брат, пациентот, дал аванс од 12.000 евра, парите ги платила фирма а не пациентот или неговата сестра која се појавува пред судот како сведок и “оштетена, измамена страна“.
На прашањето зошто избравте да се лекува во Клинката Жан Митрев и со наведените методи таа вели дека одлуката била после сознанија од медиумите. Со Жан Митрев немале контакт, ниту имало прилика да ги убедува во одлуката дали нејзиниот брат, кој при приемот бил во свесна состојба, ќе се реши да се лекува во таа клиника.
Инаку, при барањето за прием на нејзниот брат на лекување во Клиниката Жан Митрев немало слободно место. Според наши сознанија за прием на тој пациент и примена на методите за лекување во Клиниката Жан Митрев директно ургирал министерот Венко Филипче по што пациентот е примен.
По неколку дена таа решила нејзиниот брат да премине во друга приватна клиника по наговор на докторка од другата приватна клиника, а процесот по две хемофилтрации веќе бил во тек. На прашањето дали од Клиниката Жан Митрев ви вратија дел од уплатените пари, таа одговара - да, но не се сеќава колку. Инаку, Клиниката Жан Митрев поради прекин на лекувањето и вратила околу 4.000 евра.
Во другата приватна клиника врз пациентот, нејзиниот брат, е применет метод на лекување познат како ЕКМО метода, споредбена и слична со хемофилтрацијата. По две недели нејизниот брат починал од Ковид 19, но не во Клиниката Жан Митрев туку до другата клиника. Таа бара пари, обесштетување од Клиниката Жан Митрев. Пари за лекување на нејзин брат, уплатени од приватна фирма.
Обвинителката им ја прочитала јавно Наредбата за истражна постапка на 30-40 сведоци собрани во една просторија и потоа во присуство на сите останати сведоци му земала исказ на сведокот во кој тој изјавил дека откако ми објаснивте за што се води оваа постапка се чувствувам измамен и оштетен.
Ова го изјави сведокот на обвинителството Томислав Георгиевски на денешното рочиште.
Читањето на описот на дејствијата кои се ставаат на товар пред сведоците е недопуштено според Законот за кривичната постапка и всушност претставува директно влијание, насочување на исказот на сведоците и нивна целосна дискредитација. Тие во судница не сведочат со свои зонанија и факти, туку се таму да потврдат однапред презентирано обвинение на обвинителката.
Спротивно на изјавата во обвинителството, на денешното рочиште овој сведок изјави дека се почувствувал за измамен откако ја примил првата хемофилтрација, па откако му беше предочена од судот изјавата пред обвинителството во која наведува дека се почувствувал за измамен и оштетен откако обвинителството му објаснило за што се води постапката се обиде да ја поддржи постапката на обвинителката така што најпрво изјави дека записникот го пишувало обвинителството па погрешно го внела неговиот исказ, а потоа дека можеби не бил разбран.
Потоа продолжи „Не кажав погрешно запишано, туку во погрешен контекст ме сфатиле. Кога нѐ викнаа во обвинителство, 30 - 40 луѓе, обвинителката ни објасни за што е, јас реков дека се чувствувам измамен.“, сведочеше Георгиевски.
Инаку, целото рочиште за распит на сведоци од околу четири часа изобилуваше со прекини, влегување на обвинителката во збор на сведоците, дофрлање од адвокатот на сведокот Стојановска што да каже пред судот, не дозволување прашања од одбраната до сведокот, викање и хаос во кој судијката нема контрола врз процесот и постојано на секој упад од обвинителката гледа во неа и очекува сугестија како да постапува во судењето.
Професорот Калајџиев од кого побаравме мислење вели: „Не е законито ниту професионално ЈО да им сугерира на сведоците дека се измамени односно жртви и оштетени, а уште помалку да сугерира што да изјават пред судот! Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците а не обратно! Ова укажува на сериозна опасност дека процесот е монтиран. Битно е и тоа дека сведоците односно пациентите, најчесто немале никаков директен контакт со докторот а тврдат дека лично ги измамил“.
Штета, навистина штета што ова судење не беше видео пренесувано пред пошироката јавност. Да види секој што може да го очекува во неговата држава од обвинители и судии кои земаат плата од неговиот џеб.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата