Познато и е на јавноста дека против, според оценки на струката, најдобриот македонски кардиохирург Жан Митрев е обвинет за кривично дело “измама“ затоа што на пациентите тешко заболени од Ковид 19 за време на епидемијата надлежните лекар од неговата клиника “Жан Митрев“ им примениле метод на прочистување на крвта со примена на хемофилтрација со што радикално се менува имунитетот и вкупната здравствена состојба на пациентот заболен од Ковид 19.
Позанато на јавноста, исто така, и е дека процентот на починати пациенти од Ковид 19 во клиниката “Жан Митрев“ е само 25%, а во јавното здравство процентот на починати пациенти од Ковид 19 повеќе од дупло во однос на овие резултати. Иако, во клиниката “Жан Митрев“, доаѓале најтешко заболените кои, при животно загрозувачка состојба, се решиле да платат лекување во приватна клиника затоа што позитивни резултати во јавното здравство - немале.
Познато е дека за време на Ковид 19 епидемијата државата со уредба/закон во тие вонредни околности нареди сите приватни клиники да мораат да прифаќаат болни од Ковид 19 а дека, една од поголемите во државава како Ремедика одби, и не лекуваше болни од Ковид 19 а никој не презема ништо против ова неизвршување на законската обврска.
Исто така, на јавноста и е познато, дека Македонија последна во Европа почна со вакцианција против Ковид 19 затоа што министерот Венко Филипче беше фатен, и тоа јавно се објави, дека се местел тендер за посредник од Сонгапур за набавка на вакцините кој требало да заработи 5 милиони долари, па затоа Кинезите не испорачале векцини за Македонија бидејќи не сакале да работат со посредници туку директно со државите корисници за да се избегне корупција и манипулации во време кога вакцините беа најбарани производи на светскиот пазар.
Познато е дека лани “невладина организација“ со изјави на нестручни лица и пациенти, утврди дека кардиохирургот Жан Митрев ги измамил пациентите на кои е применета хемофилтрација која според нив не била научно утврден метод на лекување па следеше, итно, обвинение за него лично. И, дали случајно, сред судење се појави фирма блиска до ДУИ со холандска адреса, за што Вечер.мк неколку пати пишуваше, која треба да купи по никаква цена мнозински удел во клиниката “Жан Митрев“ која, нели, е “нестручна“.
Сето тоа е познато, а ставено вака во редослед на настаните, е слика на ужасната состојба која во дадениов случај потенцира факти на тешка корупција во државата, селективно обвинителство и судство, најпосле и слика за јавното здравство воопшто.
Тоа е “доброто“ во случајот Жан Митрев. Ако, со иронија, може да се нарече добро претходно опишаното кое врши работа затоа што пред очи ни се случуваат докази за она што е дел од нашиот живот, а здравството е и решение за животот, не само дел. Лошото е што дибиваме нова потврда за селективно обвинителство и судство, за нефункционлано здарвство и за рекет применуван од луѓе во врвот на власта.
На оваа тема ќе и посветиме повеќе време, во неколку продолженија, и барање на одговори на повеќе прашања:
- Дали хемофилтрацијата е употребувана само на клиниката “Жан Митрев“, или и на други приватни клиники и јавното здравство во Македонија, и зошто се бара одговорност само до клиниката “Жан Митрев“. Или, прецизно, само од кардиохиргот Жан Митрев кој нема никакви допирни точки со секторот кој лекувал болни од Ковид 19, ниту пак учествувал во комуникација со пациентите, освен што е сопственик и управител на Клиниката?
- Пред судот гледаме сведоци, роднини на починати од Ковид 19, кои бараат да им се платат пари платени за лекувањето од клиниката затоа што нивните блиски не биле излекувани, туку починале. Барат пари во туѓо име, не се лекувани тие туку некој трет. Ако имало штета, па бараат пари, тоа е дел од управна а не кривична постапка. Гледаме дека при примена на лекување и со хемофилтрација бројот на преживеани лекувани од Ковид 19 во “Жан Митрев“ е двојно поголем од починатите, што е со нив. Дали треба да доплатат затоа што преживеале со примена на хемофилтрација?
- Дали клиниката “Жан Митрев“ на своја рака, експериментално, применила хемофилтрација или, како што е навистина, се работи за метод одобрен од министерството за здравство за помошна метода во лекување од Ковид 19.
- Каде е во приказнава Фондот за здравство кој, секоја година, добива по 50-60 милиони евра повеќе од буџетот па сега се качи на над 500 милиони евра годишно, да им плати надомест на пациенти кои се лекувале во приватни клиники од Ковид 19 затоа што, според констатација на Министерството за здравтсво, немало веќе место во јавниот сектор?
- Каде е одговорноста за Венко Филипче и владата за доцната набавка на вакцини, каде е одговорноста на Ремедика што одбила да лекува заболени од Ковид 19, каде се доказите дека кардиохирургот Жан Митрев лично, бидејќи сега лично одговара пред судот, наведувал на незаконски начин пациенти да се согласат на хемофилтрација за да им ја наплати услугата, и што е со над двеста пациенти кои барале хемофилтрација а стручниот дел од Жан Митрев проценил дека не им е неопходна и излекувани се без оваа помошна метода? Кој одбива заработка кога сака некого да измами?
Темата има повеќе прашања, а ние ќе ги бараме одговорите од стручни лица, секој во својата област, и ќе ги претставиме пред јавноста која има право на свој суд. Обвинителството и судството имаат рејтинг на доверба 3-4%, што е на граница на статистичка грешка или, бројките преведени во зборови, речиси никој не им верува па собирањето факти од експерти и нивната презентација секако ќе помогне на јавноста во формирање на свој став по овој случај, независно од навредливите 3-4% граѓани кои ќе веруваат на обвинителството и судството.
Да почнеме со хемофилтрацијата.
Хемофилтрацијата, најчесто, е еден од методите кои се применуваат за прочистување на токичен организам и на континуираната бубрежна заместителна терапија, акутна бубрежна инсуфициенција, или скратено АБИ, што е ненадејно губење на способноста на бубрезите да ја вршат нивната основна функција – елиминирање на вишокот течности и електролити, како и отпадниот материјал од крвта, која се применува редовно и на државната Кардиохирургија. Како кај на, така и во регионот и Европа.
Експертите од скопската Кардиологија и Кардиохирургија додаваат дека хемофилтрација се применува и врз пациенти со инфекција или незаразни причини за акција во телото и негово самоуништување; во случаи на сепса; на мултиорганска слабост, (MODS синдром) мулти-органска дисфункција или откажување на повеќе органи; кај синдром на лиза на тумор, всушност, дезинтеграција на клетките на ракот и многу брзо распаѓање што е одговор на онколошки фокус на ефективната употреба на хемотерапијата.
Хемофилтрација, како што објаснуваат понатаму, се применува и при хронична срцева слабост, а постојат и други ситуации на примена, иако овие се најчести.
„Терапијата на хемофилтрација кај континуирана бубрежна заместителна терапија не е експериментална, напротив, тоа е одобрена терапија за која постојат голем број на студии кои ја потврдиле нејзината ефикасност во лекување на пациентите во единиците за интензивна нега, а претствавува воедно и едно од поважните откритија во поновата медицина. Принципот на терапијата ги користи истите процеси како и стандардната хемодијализа на која се подвргнати пациентите со терминална бубрежна слабост во центрите за дијализа.
Разликата е во времетраењето на секоја засебна процедура, хемодинамската стабилност, проширени индикациони подрачја, можност за избирање на филтер согласно индикацијата“, велат докторите.
А, што се однесува до терапијата на хемофилтрација за време на Ковид пандемијата, од таму додаваат: „Мало појаснување, конкретно за нашата Клиника. Клиниката за државна Кардиохирургија е високо специјализирана установа која во периодот на пандемијата не можеше да биде изземена од прием на итни пациенти со примарна кардиохируршка итност, кои во моментот на прием биле ковид позитивни. Имено, упатување во назначените ковид центри беше неможно. Такви пациенти сме имале. Аналогно на ова, ние не сме примале пациенти со ковид инфекција како примарна дијагноза“.
Јавно објавените податоци од Бирото за јавни набавки укажуваат дека хемофилтрацијата како метода е користена на оваа Клиника и тоа со драстично зголемен број споредено со 2020 година.
Податоците велат дека во 2020 година во јавното здравство се набавени само 17 филтри за хемофилтрација. За разлика од таа година, во 2021 се набавени 125 филтри за хемофилтрации и 140 филтри за 2022 година што е значително зголемување од 2020 година.
Сите јавни набавки, освен последната во 2022, се направени од компанијата Интерком којашто е одговорна за набавка за хемофилтрите, а во 2022 од Омни Медикал. Според податоците од Малмед, компанијата Интерком користи хемофилтри од компанијата Бакстер, а за Омни Медикал нема никакви податоци какви филтри набавува.
Да појасниме, да разбере секој, што ова значи.
Хемофилтрацијата не е експеримент ниту нешто што не е употребувано и во нашето јавно здравство. И тука се става точка на обвинувањата дека се применувала експериментална метода.
Сите читавме, за време на епидемијата, дека заболен од Ковид 19 не умира директно и само од вирусот, туку откажуваат тешко заболени делови од телото откако телото ќе ја загуби спсобноста за функционален имунитет и ќе дојде до криза на некој витален орган. Хемофилтрацијата се обидува да ја прочисти крвта со нејзино преземање од телото, поминување низ специјални филтери за намалување на бактерии и вируси, и нејзино враќање назад во телото во подобрена состојба. Тоа е тоа. Во над две третини од лекуваните со хеомфилтрација во “Жан Митрев“ ова помогнало, и луѓето преживеале иако биле во шок соба, значи крајно загрозувачка состојба.
Во држава во која оваа власт до скоро плаќаше од буџет ако некој сака да смени пол, не плаќаше и се уште не плаќа за примена на вакви методи кои спасуваат живот. Напротив, ги суди оние кои ја примениле методата. Но, дали ги суди баш за хемофилтрацијата? Треба да ги прашаме заинтересираните купувачи на клиниката “Жан Митрев“, блиски на ДУИ, кои, дали случајно, се појавија да заработат на туѓа мака веднаш штом судењето започна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата