Ќе се гради воен коридор кој ќе минува низ Македонија преку Коридорот 8, а ќе ги поврзе силите на НАТО стационирани во Италија и Бугарија. Целта е за време на воени вежби или пак во случај на војна, да се создаде ефикасна мобилност на силите и воената техника, односно да може да се реагира и движи брзо од Италија, преку Албанија, Македонија до Бугарија, објави бугарскиот медиум 24 часа.
Бугарската влада донела одлука со која се одобрува писмото за намери на Министерството за одбрана на Бугарија и на министерствата за одбрана на Македонија, Албанија и Италија, кои имале разговори за потпишување на договор за изградба на коридорот низ кој брзо ќе се транспортираат војски, воена опрема и средства. Трасата на коридорот е планирано да се совпадне со трасата на Коридор 8.
Бугарската влада смета дека преку таков договор на границите на четирите држави ќе се избегнат сложени бирократски процедури и дека ќе може брзо да се реагира во кризни, конфликтни или други сложени ситуации и дека се овозможи брз транспорт на војска и воени средства. Ќе се надминат и недостатокот на кохерентност меѓу процедурите на НАТО и ЕУ, смета бугарската влада.
Исто така, се смета дека овој воен коридор ќе влијае на вкупната политичка и економска соработка меѓу четирите држави, соработката меѓу НАТО и ЕУ, како и на вкупната одбранбена моќ на НАТО во овој регион.
Од македонска страна засега нема информација за овој план на воено поврзување преку заеднички коридор на Италија, Албанија, Македонија и Бугарија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата