Голем пожар избувна во скопската населба Карпош 4, во магацински простор, инаку поранешен објект на компанијата „Макотекс“, а лоциран веднаш до четирите кули, во близина на Мостот Обединети нации. Очевидци велат дека пожарот избувнал ненадејно и брзо се проширил.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, соопшти дека пожарот е ставен под контрола, а во гаснењето учествувале повеќе противпожарни возила и екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје, под водство на командантот Звонко Томовски. Благодарение на нивната брза реакција, спречено е ширење на огнената стихија кон соседните објекти.
Според првичните информации, во пожарот нема повредени или настрадани лица. Засега не се познати причините за неговото избувнување, а надлежните најавија дека дополнително ќе се утврдуваат околностите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата