Новиот бран бугарски барања кон Македонија би можел да се пресели од теренот на националната историја кон прашањата за црковното наследство и идентитетот на Македонската православна црква. Таков впечаток оставаат најновите изјави на бугарскиот историчар и копретседавач на Заедничката македонско-бугарска историска комисија, Ангел Димитров, кој оценува дека една од најтешките теми во работата на Комисијата е токму прашањето за Охридската архиепископија, за која бугарската страна инсистира дека претставува директен континуитет на средновековната Бугарска патријаршија.
- Дневниот ред на нашите состаноци не е променет веќе три години. Она што нè спречува е апсолутната неподготвеност на нашите колеги прво да ја прифатат дефиницијата за заедничка историја, а оттаму доаѓа и специфичната сопирачка. Тоа е нивната неподготвеност да прифатат дека Охридската архиепископија е институција чие создавање од страна на царот, византискиот цар Василиј II, беше политички обид да се зачува стабилноста во империјата, односно да се дадат сите можни права на населението кое религиозно било потчинето на Бугарската патријаршија во Првото бугарско кралство пред падот на оваа држава. Од ова се плашат нашите колеги, бидејќи за нив ова, како што разбирате, е и современ политички проблем. Нивната црква во моментов се претставува како директен наследник на Охридската архиепископија, па дури и го додава ова име на сопственото официјално име“, вели Димитров.
Од друга страна, македонската наука потенцира дека Охридската архиепископија е автохтона словенска црква која израснала од делото на Свети Климент Охридски, со доминантно македонско население, и дека таа го претставува историското јадро врз кое легитимно е возобновена современата Македонска православна црква – Охридска архиепископија.
Изјавите на Димитров доаѓаат во период кога од бугарска страна сè почесто се испраќаат пораки дека процесот на европска интеграција на Македонија не завршува со внесувањето на Бугарите во Уставот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата