logo
logo
logo

Петковски: Џафери не е надлежен да цени уставност

Vecer | 14.09.2022

Петковски: Џафери не е надлежен да цени уставност

Претседателот на парламентот Талат Џафери не е надлежен да цени уставност и законитост, тоа е во рацете на Уставниот суд, вели за МКД.мк поранешниот претседател на Собранието Тито Петковски во врска со одлуката на Џафери да ја отфрли иницијативата на одржување на референдум, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во разговор за МКД.мк Петковски вели дека одлуката по прашањето за референдумската иницијатива треба да биде на Собранието, а не на неговиот претседател.

- Претседателот на Собранието е само прв меѓу еднаквите пратеници и тој ги потпишува актите во името на Собранието. Не само од правен и деловнички аспект, туку и од демократски аспект е добро одлучувањето да се постави на седница на Собранието, секако, откако собраниските комисии ќе предложат став за кој потоа на пленарна седница ќе се носи одлука. Многу е битно од демократски аспект пратениците да одлучуваат бидејќи Собранието е местото каде се носат најкрупните одлуки врз основа на политичка дебата. Не треба никој да се става над Собранието, во случајот претседателот. Од формално правен аспект нема пречка барањето да се стави пред Собранието и тоа да се произнесе, вели Петковски.

На прашањето што значи можноста претседателот на Собранието од формален аспект да може да се изјасни за иницијативата, Петковски вели дека тој можел подносителите на иницијативата да ги корегира во однос на „непознатата адреса” со која беше поднесена иницијативата.

- Како што видовме од документот, од поднесената иницијатива, таму адресата гласи ‘Претседател на Собрание’, која можел Џафери да ја протолкува како непозната бидејќи целата адреса гласи ‘Претседател на Собрание на Република Македонија’. Џафери можел да ја врати иницијативата и да укаже да биде корегирана адресата. Но во никој случај не може тој да го цени Уставот, нагласува Петковски

Дали сепак иницијативата, како што пишува во Деловникот, треба да оди пред комисиите, Петковски вели дека Џафери се произнесол дека иницијативата е отфрлена, па сега, како што оценува, останува можноста да се оспори неговата одлука пред Уставниот суд.

- Во секој случај, одлуките на Собранието ги потпишува претседателот, тој може да толкува одредби од Деловникот и во тој контекст да укажува, но не може да каже дали е согласно Уставот или нe, вели Петковски.

Во однос на самата иницијатива, дали е добро срочено референдумското прашање од страна на ВМРО-ДПМНЕ и како тоа евентуално би можело да се постави пред граѓаните, Петковски вели:

- Сега ми поставивте политичко прашање. Лично мислам дека ваков референдум за Македонија не е потребен, туку е и штетен, зашто би закочил процеси и обврски на земјава кон ЕУ, а не кон Бугарија. Добивме условен почеток на преговори со ЕУ и рамка за преговори, а со Бугарија имаме само договор. Ако требаше нешто побрзо да се реагира тогаш можеше да се постави прашање во стилот – дали францускиот предлог е прифатлив за граѓаните. Во тој предлог се наброени сите услови. А, поништување на договорот со Бугарија би можело да ѝ штети на земјава во насока на меѓународни односи и околу стабилноста на договорите и спогодби на земјата на меѓународно ниво, бидејќи е битно доследно нивно почитување.

Тој илустрира: „Како што укажувавме дека Бугарија не смееше преку бугарскиот парламент да го поништи законот потпишан од некогашниот бугарски претседател Ѓорги Димитров со кој на Македонија ѝ беа испорачани моштите на Гоце Делчев. А заради што, меѓу другото, Димитров беше прогласен за предавник на Бугарија”.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk