Заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски, во емисијата Бизнис 21 на ТВ21 изјави дека е оптимистичен во однос на реализацијата на економскиот раст од 3,7% до крајот на оваа година.
Според него, Светската банка направила изненадување со својата проекција, но додава дека минатата година биле на раст од 2,1%, за потоа да се постигне раст од 2,8%.
„Се надевам дека и сега ќе има корекција, и ќе стигнеме до нашата проекција“, рече Јанкуловски.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, најави задолжување од милијарди евра, кое ќе биде искористено за изградба на патишта.
Во вечерната емисија, Јанкуловски објасни дека се работи за инвестиции кои ќе се насочат на локалните, регионалните и експресните патишта, со вкупен износ кој може да се движи од 500 милиони до 1 милијарда евра. Меѓутоа, не прецизираше од каде точно ќе дојдат овие средства.
„Овој проект се работи од страна на премиерот и неговиот тим, а самото финансирање ќе го објави премиерот. Се работи за инвестициони пакети од 5-6 милијарди евра кои ќе се реализираат во следните неколку години“, рече Јанкуловски.
Што се однесува до корисничката искористеност на унгарскиот кредит, Јанкуловски информираше дека општините искористиле само 8% од средствата од првиот повик, со тоа што веќе се потпишани договори за реализација на нови капитални проекти.
„Една милијарда евра, која ја позајмивме од Унгарија, половина е наменета за општините. До сега се искористени 245 милиони денари, што е околу 8% од вкупниот износ на кредитот“, изјави Јанкуловски.
Одговорувајќи на прашањето за градежната експанзија и слабите ефекти во првите четири месеци, заменик министерот изјави дека Владата сериозно се фокусирала на буџетска консолидација и промени во економската класификација на буџетот.
„Ние сме фокусирани на инвестиции, а резултатите од зголеменото прибирање на даноци и приходи се видливи. Ова ни дава охрабрување да продолжиме со инвестиции и во 2025 година“, рече Јанкуловски.
Тој исто така нагласи дека ако се користела методологијата за пресметување на капитални инвестиции од 2024 година, бројките за капиталните расходи би биле многу поголеми. „Буџетот ги мери капиталните инвестиции од реализација на патишта, градба на објекти, набавка на опрема и машини. Но, ги исклучивме гаранциите што ги платил министерството за финансии, кои се евидентирале како капитални инвестиции, но се работело за трансфери кон јавни претпријатија“, изјави Јанкуловски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата