Додека власта се фали со зголемување на минималната плата, дел од експертската јавност реагира дека станува збор за вештачко зголемување на платите заради високата инфлација, но и дека е неиздржливо бидејќи нема продуктивност. Понатаму велат дека, останатите плати не се покачуваат согласно минималната.
И дека работите не се најдобри во земјава укажува фактот дека околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната во државата, а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство.
Ова го вели и вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Во ваква ситуација администрацијата се повеќе останува без стручни кадри.
Според него минималната плата се зголемува на 20.000 денари токму заради инфлацијата.
- Во Законот за минимална плата имаме два критериуми по кој се предвидува порастот на минималната плата секоја година, од претходната година. Тоа се порастот на трошоците на живот и порастот на просечната плата. Токму поради големата инфлација што ја имавме во 2022 година, имаме пораст од 12,5 на минималната плата. Дали тоа ќе има некаква помош на граѓаните и на вработените во државата? Мислам дека помошта ќе биде апсолутно никаква, бидејќи ние од лани до сега имавме огромна инфлација, рече тој.
Додаде дека иако Државниот завод за статистика вели дека инфлацијата е само 14 проценти, сите сме сведоци цените на основните производи за живот во маркетите се зголемени за над 100 процени на одредени производи.
- Така што, усогласување на минимална плата во износ од 2.107, апсолутно нема да помогне на никој во државата, имајќи ја предвид минималната кошничка која моментално изнесува над 50.000 денари. Тоа значи дека две и пол минимални плати ќе бидат доволни да се прехрани едно четиричлено семејство, без автомобил, според параметрите по кои се пресметува минималната плата, изјави Деаноски.
Тој вели дека проблемот исто така останува што во последните закони за исплата на плата во администрацијата, нас веќе не поврзаа со минималната плата.
- Сега, со усогласувањето со оваа минимална плата, усогласување ќе добијат 27.000 вработени во јавниот сектор, додека другите 110.000 што остануваат нема да добијат никакво усогласување со порастот на минималната плата. И оние вработени кои што ќе го добијат, ќе бидат многу поблиску до минималната плата, отколку до просечната плата, рече тој.
Според него УПОЗ од 2016 укажува е дека ние мораме да бидеме поврзани со растот на просечната плата, а не со усогласувањето на минималната плата, од причина што моментално во администрација 97 проценти и повеќе се со потпросечна плата, а се поблиску до минималната плата.
- Кога ќе земете предвид дека цела категорија на референти, пет до шест илјади вработени само во администрација, се на разлика од 800 денари до минимална плата, ќе видите дека минималната плата е предоминантна во јавниот сектор и во администрацијата и нашата математика е дека околу 80.000 вработени во јавниот сектор се на ниво на минимална плата или 800 денари над минималната плата, изјави тој.