"За Хотелот на Мијалков" во Охрид не се спорни документите за градба туку потеклото на парите со кој се гради објектот и тука очекувам Обвинителството да почне да постапува"- вели министерот за транспорт и врски Александар Николовски на прашање на ТВ 24.
Активистите кои реагираат за хотелот според министерот се занимаваат со технички работи, а ја заобиколуваат намерно или ненамерно главната поента.
Николовски вели и дека хотелот го "аминувале" тројца градоначалници пред актуелниот Пецаков, комуналиите се платени навреме, а габаритот е помал од она што е предвидено во ДУП.
Но активистите не се откажуваат од барањата и ставот дека на хотелот не му е местото таму во зелениот појас на населбата Горица 3 во првата зона на езерото. Од Охрид СОС велат дека особено загрижува фактот што не е испочитувана експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
Од Општина Охрид пак на ова реплицираат дека без разлика на тоа што во периодот кога е носен планот за конкретната парцела, не постоел Планот за управување со светско природно и културно наследство во Охридскиот регион, сепак издаденото одобрение за градба е во рамките на истиот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата