Иако дел од членовите од Судски совет добија недоверба од Собранието од каде што беа избрани, тие и понатаму немаат намера да си заминат, а го игнорираат и фактот дека правосудството има најниска доверба помеѓу граѓаните како и најголеми критики.
Во нивна одбрана застана и Александар Камбовски претседателот на Судски совет. Тој после Судиската конференција „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, во организација на Здружението на судии на РСМ со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кажа дека оставки од судии и обвинители нема да донесат реформи во судството.
„Оставки не се реформа. Судскиот совет е целосно променет сега. Така го замислил судскиот совет уставодворецот да немаме се едни исти членови. Ако сакаме реформа, тогаш се прави со промена на закон, со намалување на мандат, а само персонални промени нема ништо. Која е гаранцијата дека новите судии ќе придонесат за подобрување на судството“, рече Камбовски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата