Цените растат, станови се купуваат, а се нема пари. Овој необјаснив феномен можеби постои само во Македонија. Лани граѓаните во купување и продавање на станови, куќи, градежни или земјоделски парцели вложиле над 1 милијарда евра.
Податоците на Агенцијата за катастар на недвижнини за 2024 година покажуваат дека во текот на целата измината година во базата на Регистарот на цени и закупнини биле внесени 31.029 трансакции, а тука влегува вкупниот број на купопродажби и вкупниот број на закупи, пренесе Фактор.
Најголем дел се купопродажби на недвижнини. Во купопродажбата на имотите биле инвестирани над 1 милијарда евра.
Година претходно, или во текот на 2023 година, иако било тргувано со поголем број имоти, биле свртени 910 милиони евра.
Податоците на Катастар покажуваат дека по бројност најмногу се тргувало со станови, па лани биле истргувани над 8 илјади станови, чија вредност достигнала 492 милиони евра. Потоа следува земјоделското земјиште, каде биле продадени 7,326 парцели и вложени и 70 милиони евра.
Минатата година биле истргувани 2.657 градежни парцели и вложени 74 милиони евра. Следни по бројност се куќите, чија вредноста достигнала 156 милиони евра, а вкупно биле истргувани 2,533 куќи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата