logo
logo
logo

Мицкоски: Судството и обвинителството се СЛАБАТА АЛКА ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

Vecer | 08.04.2025

Мицкоски: Судството и обвинителството се СЛАБАТА АЛКА ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА

Во Владата денеска беше конституирано Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата кое има одговорност да воспостави координација меѓу сите клучни институции за борба против корупцијата.

Според премиерот Христијан Мицкоски, ова тело претставува чекор напред во обидот да се воспостави функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата. На конститутивна седница, тој истакна дека ова тело нема да биде само уште една административна конструкција.

„Ние сме овде за да создадеме нова форма којашто ќе има суштина, а нема да биде форма којашто ќе биде без содржина. Сакаме да изградиме механизам што ќе делува – брзо, ефикасно и бескомпромисно“, рече Мицкоски.

Нагласи дека Меѓуресорското тело има историска одговорност да воспостави координација помеѓу сите клучни институции, вклучувајќи ја Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Министерството за правда, Министерството за финансии и други.

„Овие институции веќе имаат надлежности. Она што им недостасува е координација, храброст и одговорност“, истакна Мицкоски.

Премиерот додаде дека судството и обвинителството се слабата алка во борбата против корупцијата.

„Судството мора да ја врати својата улога – не како нем набљудувач, туку како клучен актер во оваа борба. Ќе ги поддржиме со законски решенија, со буџет, со логистика, сѐ што треба ќе направиме. Но истовремено – бараме отчетност“, рече Мицкоски.

Вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи, кој претседава со Меѓуресорското тело, истакна дека корупцијата не е само административен проблем, туку претставува национална ургентност.

„Македонија страда од епидемија на корупција. Ова го гледаме секој ден на нашите разорени улици, уништениот здравствен и инфракстуркутрен систем, деградираното образование, во бедата која ги принуди младите и нашата најголема квалификувана сила да ја напуштат земјата. Ова мора да се промени и ќе се промени“, рече тој.

Дополни дека ова меѓуресорско тело нема да биде само форум за дискусија и дебата туку ќе стане механизам за посебен притисок за да се спроведуваат законите и антикорупциските стратегии.

„Ќе создадеме силен систем за мониторинг, ќе влијаеме за да го зголемиме финнаисањето и капацитетите на институциите за борба против корупцијата“, рече тој.

На настанот се обратија и Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Македонија, Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје и Никол Варнес, заменик амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Македонија

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk