Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински.
Тоа претставува државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија во склоп на југословенската федерација.
На него се донесени повеќе решенија, меѓу кои се решението за конституирање на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија АСНОМ во врховно законодавство и извршно тело на Македонија и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, решение за донесување декларација за основните права на граѓаните во демократска Македонија

По објавувањето на одлуката за свикување на АСНОМ, се пристапи кон избирање на делегатите за Собранието. Во „Зборникот на документи од АСНОМ", издаден од Институтот за национална историја, има еден спис на ЦК КПМ кадешто се опишува вака - обласните комитети треба да ги избираат пратениците за „Прохор Пчински“ на месни конференции од по 5 - 6 лица.
Првото заседание на АСНОМ е одржано на 2 август 1944 година во манастирот Св. Прохор Пчински. Заседанието започнало со изведување на песната „Изгреј зора на слободата“. На заседанието, кое во 17.15 часот го отвори најстариот делегат, учителот Панко Брашнаров од Велес, со присуство на делегати од сите краишта на Македонија и на претставници на големите сили учесници во антифашистичката војна - САД и Велика Британија.
Со Првото заседание на АСНОМ како врвно достигнување на НОБ на Македонија се обележува почетокот на постоењето на државата Социјалистичка Република Македонија во федерација со југословенските народи… На 28 декември 1944 година во Скопје, во ослободена Македонија, започна со работа првото вонредно заседание на АСНОМ, познато како Второ заседание.
Панко Брашнаров го отвори заседанието со следните зборови:
“...Другарки и другари народни претставители, Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден - ИЛИНДЕН -, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.
Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчение).
Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија! Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена - 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илиденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија - Крушовската република го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство.

Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. И ете како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крф и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива федеративна, демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!...“ објави Панко Брашнаров.
На ова заседание се прифатени решенијата од Второто заседание на АВНОЈ, одобрена е работата на Главниот штаб и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, донесено е решение за формирање на Комисија за испитување на воените злосторства направени од окупаторите и нивните слуги, како и комисија задолжена за изработување на законски проекти.

Избрани се и 40 претставници на македонскиот народ во АВНОЈ и во неговиот Президиум. За претставници во Президиумот на АВНОЈ се избрани: Димитар Влахов, Методија Андонов - Ченто, Михаило Апостолски, Лазар Колишевски, Бане Андреев, Венко Марковски и Мара Нацева.
Од заседанието до македонскиот народ е упатен Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, како и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ.
Првото заседание на АСНОМ формира свој Президиум, кој фактички претставува прва македонска влада.
Покрај претседател, Президиумот имал двајца потпретседатели, двајца секретари и 17 члена. За претседател е избран Методија Андонов - Ченто, за потпретседатели Панко Брашнаров и Емануел Чучков, а за секретари: Љупчо Арсов и Владимир Полежиновски.
На Второто заседание на АСНОМ, одржано од 28 до 30 декември 1944 година, бројот на членови на Президиумот е зголемен од 22 на 32.
Ченто останува претседател, додека Лазар Колишевски е избран за прв потпретседател, а Неџат Аголи за втор потпретседател. Борис Спиров е избран за прв секретар, а Епаминонда Поп Андонов за втор секретар.
Првата влада на Македонија е избрана на 16 април 1945 година, на Третото заседание на АСНОМ.

Со нејзиното формирање, таа ги презема извршните ингеренции на дотогашниот Президиум на АСНОМ . Основна преокупација на извршната власт е политичката, стопанската и образовно-културната обнова и изградба на НР/СР Македонија.
Владата е составена од претседател, два потпретседатели и 10 министерства. Нејзиниот состав е следниот:
претседател на владата: Лазар Колишевски
прв потпретседател и министер за финансии: Љупчо Арсов
втор потпретседател: Абдураим Мехмед
министер за внатрешни работи: Кирил Петрушев
министер за просвета: Никола Минчев
министер за правосудство: Павел Шатев
министер за индустрија и рударство: Страхил Гигов
министер за трговија и снабдување: Тоде Ношпал
министер за земјоделство и шумарство: Богоја Фотев
министер за народно здравје: Вукашин Попадиќ
министер за социјална политика: Неџат Аголи
министер за градежништво: Георги Василев
Се потоа е историја. Колку денес Македонија е држава според целите и причините за нејзино основање, колку последните генерации можат да речат дека ја сочувале и надградиле државата создадена во војна, со десетици иљади жртви и стотици иљади надежи?!
Во декември 2018-та владата и пратениците на СДСМ и ДУИ ја сменија Преамбулата на највисокиот правен акт, Уставот, каде беа содржани одлуките на АСНОМ и се заменуваат со Прогласот од АСНОМ, патем и се додава Охридскиот рамковен договор

Што и зошто СДСМ и ДУИ сменија во Уставот во однос на Одлуките на АСНОМ:
– Делот на АСНОМ се однесува на замена на одлуките со прогласот на АСНОМ заради тоа што, ако остане вака, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција. Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија, обединете се“.
Прогласот го нема тој дел, туку во него се зборува за единството во државата, демократијата, државотворноста, слободата, човековите права и слично, а тоа е фер пристап за градење пријателство. Впрочем, договорот или спогодбата со Грција е воспоставување трајно пријателство со нашиот јужен сосед – ги појасни ТОГАШНИОТ премиер Заев причините за ваквото амандманско решение, при објавувањето на предлог- амандманите за измена на Уставот.
Бугарскиот премиер Георги Димитров, во свој личен настап, по завршувањето на Втората светска војна потврдува постоење Македонци во Бугарија и прифаќа нивно организоирање до ниво на културна автономија но... децении потоа, добивме власти кои се поголеми Бугари од Бугарите, и поголеми Грци од Грците
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата