Административната зграда на Министерството за локална самоуправа е единствената која не успеала да заштеди ниту еден киловат струја, туку напротив ја зголемило потрошувачката на енергија за 81 проценти, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, сумирајќи ги податоците за сите државни институции, а по препораките за штедење на Владата. За потсетување, овој орган нема министер, по оставката на Горан Милевски, а изборот на нов е во процес.
Најмала заштеда е направена во административната зграда на Министерството за здравство од два отсто, по што следуваат министерствата за надворешни работи и за одбрана со по осум проценти заштеда. Инаку, најголемата заштеда од дури 75 отсто е забележана во административната зграда на АД ЕСМ. Бектеши посочи дека Владата, судовите, Собранието, претседателот на државата, ЕСМ и МЕПСО во септември годинава вкупно заштедиле 20 отсто струја во однос на истиот месец лани.
Според анализата, презентирана од Бектеши, податоците од потрошувачката само на административните згради на министерствата, претседателот на државата, Собранието, Владата, АД ЕСМ и АД МЕПСО, покажуваат заштеда на струја од 25 отсто. Шест субјекти имаат намалена потрошувачка на енергија во септември, но немаат остварено заштеди од 15 отсто согласно задолженијата, додека останатите субјекти имаат остварено заштеди од 15 -73 отсто, повеќето од 25 до 35 проценти.
-Заштедата на струја кај претпријатијата во државна сопственост (17) изнесува осум отсто, а општините, потрошиле за 29 отсто помалку струја септември, споредено со истиот месец претходната година. Заштедата на зградата на Владата е 25 отсто, кај МВР 21 отсто, кај Министерството за култура 40 отсто, Министерството за образование 35 отсто – набројуваше Бектеши.
Според анализата, Собранието заштедило 29 отсто од потрошувачката на електрична енергија, додека кај Кабинетот на претседателот заштедата е 17 проценти.
-Овие податоци покажуваат дека доколку сме сите рационални и не трошиме непотребно електрична енергија, може да се направат големи заштеди и со најмалку можни последици да се справиме со оваа енергетска криза – рече Бектеши.
Анализата исто така покажува дека вкупно 111 институции немаат потпишано договор за снабдување со електрична енергија и се снабдуваат на краен снабдувач со многу повисока цена односно цената на ХУПЕКС + 20 отсто.
Најголем број субјекти кои се снабдувани од снабдувачот во краен случај се основните и средните училишта, по што следат министерствата и здравствените установи.
Министерството за економија до Владата достави сет препораки и задолженија за намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија од 1 септември заклучно со 31 март 2023 година, споредено со истиот месец од претходната календарска година.
Општините заштедиле 29 отсто струја, Арачиново со најголема потрошувачка
Општините за вкупно 29 отсто ја намалиле потрошувачката на струја во септември, споредено со истиот месец претходната година. Како што рече министерот за економија од 81 општина, 25 не постигнале заштеда од 15 отсто, а останатите 56 општини успеале да направат заштеда поголема од 15 отсто. Притоа, најмногу отстапува Арачиново со значително поголема потрошувачка отколку септември минатата година.
-Најмногу со поголема потрошувачка отстапуваат Арачиново, Гостивар и Свети Николе. Останатите што не ја постигнале заштедата од 15 отсто се во ранг од 40 до 13 отсто – информира Бектеши.Инаку, претпријатијата во државна сопственост минатиот месец заштедиле осум отсто струја во споредба со септември лани. Притоа, само кај ЈП Водостопанство – Македонија се забележува поголема потрошувачка на електрична енергија отколу во септември минатата година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата