logo
logo
logo

Интервју со Милош Вучевиќ, министер за одбрана на Р.Србија

Македонија и Албанија имаат нула поени, а сторија се за ЕУ - тоа е голема неправда и обесхрабрувачки за сите нас

Vecer | 29.01.2023

Македонија и Албанија имаат нула поени, а сторија се за ЕУ - тоа е голема неправда и обесхрабрувачки за сите нас

“Горд сум на нашите односи. Би сакал овие односи да бидат сѐ подобри и подобри. Ме загрижуваат демографските податоци. Македонија и Србија имаат изгубено значителен дел од населението и тоа е голем проблем и луѓето треба да разберат што се случува“, вели министерот за одбрана на Србија Милош Вучевиќ во ексклузивното интервјуто за Вечер.мк.

“Македонија и Албанија имаат нула поени, а сторија се за ЕУ - тоа е голема неправда и обесхрабрувачки за сите нас“, аргументира Вучевиќ за евроинтеграциите на регионот.

Разговаравме и за вооружувањето на Србија. Вели дека наменската индустрија на Србија е многу ценета и барана, и дека би можеле да продадат се што би произвеле во следните 10 години.

Зборувавме и за вооружувањето на Хрватска и Косово, за иднината на Босна и Херцеговина и кое решение за Србија е прифатливо за Косово.

Неизбежно беше и прашањето за Украина - Вучевиќ вели дека Србија целосно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на таа земја. А што се однесува до Русија, министерот за одбрана вели дека е против политика на санкции, бидејќи последиците од истите ги имаат почувствувано и граѓаните на Србија.

 

Како се чувствувате во Македонија и како таа ви изгледа од денешна перспектива?

-Секогаш добро се чувствувам кога сум во Македонија меѓу моите пријатели. Не можам да кажам дека сум како дома, но речиси како да сум дома, два пријателски и братски народи, македонскиот и српскиот, и две добри држави со одлични меѓусебни односи - пријатно ми е. Гледам дека Македонија се развива и драго ми е заради тоа, и секогаш гледам нешто ново. Задоволен сум што српско-македонските односи се на високо ниво, би сакал да бидат уште подобри, некои големи работи решивме, поправивме, унапредивме, и тоа е плус и за едната и за другата страна.

Неодамна изјавивте дека сите оние кои војуваат за странски држави а се српски државјани, на една или на друга страна, ќе бидат казнети согласно законите. Како практично ќе го спроведете тоа, бидејќи тие може да не се вратат дома, знаејќи дека ќе бидат казнети?

-Ќе бидат казнети сите кои војувале каде било, сега е најактуелен судирот во Украина, и без разлика дали војуваат на украинска или руска страна, тие се под удар на српскиот законот. За да одговараат мора да бидат под српска јурисдикција и достапни за органите, а сѐ додека се во трети држави ние можеме само да бараме да ни бидат испорачани. Дали ќе ни ги предадат или нема - се сомневам, тоа зависи и од нивниот натамошен статус, дали се државјани на тие трети држави, дали ќе аплицираат за државјанство во тие држави за кои се ангажирале да војуваат.

Клучната порака е дека ние не охрабруваме никого и не учествуваме во одлуката за заминување на кого било во војна на чија било страна. А имаше обиди да се прикаже Србија како камп за подготовки на едната или на другата страна во конфликтот.

Значи, државата не е нема за таквите процеси. Тоа кај нас е забрането, ние не сакаме граѓаните на Србија да земат учество во кој било судир. Надвор од својата територија Србија може да учествува само во мировни операции, преку Министерството за одбрана и војската на Србија, под патронат на ЕУ или ОН.

Ова се поединци кои се определиле да постапуваат надвор од законот и прават штета на угледот на Србија и ја отежнуваат позицијата на Србија во еден многу деликатен момент. Бидејќи има и луѓе кои не се добронамерни и кои велат, аха вакви луѓе се појавуваат таму и таму и на тој начин се прави едно сценарио дека преќутно тоа е дозволено од Србија. А не е. Ако се вратат во Србија или бидат достапни за органите, ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

И вашите стратешки партнери од Запад рекоа дека е важно Србија да се посвети на тоа прашање. Кога веќе сме на оваа тема, дали Србија ќе ѝ воведе санкции на Русија или се очекува во следниот период ЕУ да ја крене рампата кон Москва?

-Интересни се тие деловни односи меѓу ЕУ и Руската федерација. Честопати, на големи санкции се изложени трети држави кои не се членки на ЕУ. Можам и конкретно да ви кажам пример, еве за увозот на нафта и нафтени деривати од Русија, при што некои членки на ЕУ имаат посебни услови и се изземени од некои пакети, а Србија како земја која не е членка на ЕУ нема можност под исти услови да ги решава своите енергетски проблеми.

По прашањето за санкции кон Руската федерација, Србија има принципиелен став, зборувам во сегашно време, не за она што би можело да биде за 3 дена, 3 месеци, 3 години.

Имаме негативен став по прашање за санкции, бидејќи како држава бевме изложени на санкции во 90-тите и знаеме колку страдаат луѓето.

И тоа е наш принципиелен став, воопшто не сме заговорници ниту поборници на политика на санкции и не мислиме дека тоа ги погодува политичките раководства, како што се дефинира, туку санкциите го погодуваат обичниот народ, обичните луѓе. А Србија патеше и ден-денеска ги плаќаме тие санкции, и имаме економски недостатоци. Никогаш нема да бидеме поборници на таква меѓународна политика или на таков начин на делување во меѓународните односи.

И второ, тие санкции повеќе ќе ја погодат Србија отколку Русија. Многу малку работи зависат во Руската федерација од Србија. А нашата потреба за енергенсите кои доаѓаат од Руската федерација се многу поголеми и интензивни, па дури и за компании кои доаѓаат од Западна Европа и кои работат во Србија и кои ги користат истите тие енергенси кои доаѓаат од Русија.

Она што го бараме од европските партнери е само јасно разбирање за нашите позиции, разбирање дека за диверзификација или создавање алтернативни извори за снабдување со енергенси е потребно време, за да воопшто би можеле помалку да зависиме од една, друга или трета страна.

Одлуката за санкции Србија ќе ја дефинира во однос на сопствените државни и национални интереси. Во овој момент сме единствената европска држава која нема воведено санкции за Русија, но сме навистина јасни дека го поддржуваме целиот суверенитет и територијален интегритет на Украина.

Но, не влеговме ниту во антируска хистерија, во смисла дека треба да се забрани да се чита Достоевски или да се забрани слушање на Чајковски, или да се избркаат руските деца од училиштата и градинките, или да се казнат сите руски спортисти.

Не може Србија да биде дел од тоа, бидејќи на некој начин поминуваше низ слични состојби често неоправдано.

Едно е политиката, друго се меѓународните односи, едно се човечките односи и човечноста.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ најави зголемување на бројот на специјалците во војската на Србија и од сегашните 1600 да се зголеми бројот на 5000. Каде ќе најдете толку луѓе кои би сакале да бидат специјалци?

-Тоа е голем предизвик за сите нас во системот на одбрана на Србија. Да потсетам дека Србија е воено неутрална држава.

Не сме политички неутрални, ние сме определени да одиме кон ЕУ и во тој процес правиме ускладување со политиката на ЕУ. Но што се однесува до воената позиција, до позицијата на одбрана, останавме на ставот дека треба да бидеме воено неутрални, и мислам дека е разбирливо, ако се погледне нашата историја и она што го минувавме во 90-тите години.

Нашата идеја е согледувајќи ги информациите, анализите од фронтот во Украина и Нагорно Карабах, следејќи ги движењата и на другите вооружени сили, не зборувам само во регионот, туку и во Европа и пошироко - дека треба да ги зајакнеме единиците за специјални операции.

На краткорочен и среден план да го зголемиме бројот на припадници на тие единици со подобра обука, тренинзи и подобра опрема за нив, за нивно дислоцирање на повеќе локации во Србија.

Што ни е намерата? Да обезбедиме екстра плати за нив, поголема заработувачка вон стандардите, најдобра опрема и обука, и обид на дојдеме до тој контингент на луѓе од популацијата која моментално не е ангажирана во системот на одбрана. Не ни е цел да префрламе од една во друга единица или од полициските специјалци да се префрлат во војската, туку да дојдеме до она население кое моментално не е вработено или ангажирано во војската и полицијата, а има порив, желба и психофизичко е способно да биде дел од специјалните единици, кои имаат потреба да покажат патриотизам и љубов кон татковината. А да имаат добри, пристојни услови за живот во рамки на српски рамки, зборувам за платите, за поевтини станови, опрема... тоа е повик за млади момци и девојки. Секако дека демографските прилики не се многу добри и лесни, тоа ќе биде голем предизвик за нас.

Очекувам дека претседателот на Србија Александар Вучиќ на денот на српската државност, 15 февруари, црквено го славиме Сретење, официјално ќе го најави тој процес и дека ќе имаме официјален повик и ќе видиме дали ќе трае 60, 90 дена, дали ќе биде отворен во текот на целата година, секако, дека ќе има повеќе етапи.

Прво ќе се фокусираме на пополнување на постоечките специјални единици, а потоа и формирање на нови. Кога претседателот ни ја даде таа задача кон крајот на минатата година, веднаш тргнавме во технички подготовки, а тоа не е само да пукнете со прстите и да кажете сакаме 5000 специјалци. Мора сѐ да се подготви, да се видат единиците, каде ќе бидат сместени, каде се касарните, има ли униформи, има ли чизми, кои пушки ги носат, кој ќе ги обучува, кои офицери, кои подофицери, каде ќе најдеме луѓе. И во право сте, кога велите дека најголемиот предизвик ќе бидат луѓето.

Тоа не е проблем за Србија или за Македонија, тоа е проблем за сите држави, вклучително и за САД, кои имаат најсилна војска и најдобри услови за професионалната војска, и не им е лесно да ги пополнат, и тие се дефицитарни во одредени родови на војската и пополнувајќи ги тие од редовите на професионалниот состав. Не е едноставно да се најдат професионални војници каде било денеска, бидејќи економијата напредува, поголеми се платите во цивилниот сектор, затоа што е полесно да работите во некоја компанија од 8 до 16 часот или од 9 до 17 и потоа да сте слободни. Во војска не знаете дали одите или не дежурство, стража, дали е некоја воена вежба или не дај Боже некој вооружен судир.

Фокусот ни е на 5000 специјалци, кога ќе се создадат услови да го разгледаме прашањето за воен рок, активна резерва, тоа е нужност ако сакаме да бидеме сериозни. Ако сакаме да живееме во убедување дека никогаш никаде нема да има судири и дека војската не ни е потребна, тогаш тоа е нешто кое не личи на држава, туку е илузија дека постојат хипи комуни во светот и дека сите се сакаат и многу си се мили и срдечни, но, за жал, животот често нѐ демантира.

Судирите кои се случија минатата година, но и оваа, особено судирот во Украина кој е на ниво на светски судир е една голема силна опомена за сите држави.

Погледнете го судирот во Нагорно Карабах. Азерите работеле на себе, а Ерменците победуваа во изминатите 10 години. А Азербејџан работел и работел и сега е во целосна офанзива и има остварено одредени воени успеси.

Јас не живеам за судири, мојот народ и мојата држава платија голема цена во 20 век, но сериозна држава мора да се подготвува за секое сценарио.

Сметам дека држава која има силна војска, добро обучена и опремена е гарант на мирот, а не обратно. Кога сте безбедносно силни, вие сте потешка мета за кој било што би сакал да ве задева. Кога сте слаби и недоволно подготвени, тогаш сте ранливи и вреќа за удирање.

Силна војска не е знак дека се оди во судир, силни војски не се повик да се војува, туку аргумент да се сочува мирот. Она што Србија го прави во концептот на јакнење на одбранбените сили е во контекст на одбранбени капацитети. Немаме ништо од офанзивен карактер. И она што го купуваме не е од офанзивен карактер. И она што сакаме да го купиме не е од офанзивен карактер. Немаме претензии кон кого било, само сакаме да го чуваме своето.

Би сакал, она што цел свет го зборува за Украина, да се зборува и за Србија. Истите принципи и принципите на меѓународно јавно право да важат за сите, а не од случај до случај да се применуваат општите норми на меѓународно јавно право.

Сега ми одговоривте и на прашањето дали Србија ѕвечи со оружје како што тврдат некои меѓународни партнери и некои од соседите. Тука некаде ми одговоривте и на прашањето за вооружување на Косово, бидејќи најавија купување поголема количина на оружје од Турција, меѓу кое има и дронови. Но, според Резолуцијата 1244 на ОН, немаат право на свои вооружени сили, а особено не на ваков начин.

-Едноставно е неверојатно тоа што се случува на Косово и Метохија. Нам ни се кажува да воведеме санкции за Русија поради агресијата врз Украина. А истовремено ни се кажува да се помириме и да ја прифатиме реалноста дека Косово е независно. Значи, едни граници се неповредливи, Крим е во Украина, Донбас е во Украина, не може никој насилно да ги менува границите, но нашите граници можат да се менуваат.

И ние би требало тоа да го прифатиме за да видиме подобра перспектива и подобра иднина, а ако не го прифатиме, ќе бидеме казнети.

И тоа отворено ни се кажува. Ние како држава Србија сме изложени на неверојатни политички притисоци. Нам ни се закануваат со нови санкции, со повлекување на инвеститори, со изолација на Србија ако не се согласиме со ампутација на дел од својата територија.

Демографската слика таму е таква каква што е и дека ние тоа треба да го прифатиме. И нема компромис. Србија и Србите не треба ништо да добијат. Ништо не ни се нуди. Ни се нуди она што требаше да се реализира пред 10 години, Заедница на српски општини. Десет години не е реализирано нешто што гарантирала ЕУ.

Да се вратиме на ова, постои воено-технички договор од Куманово од 1999 година, меѓу тогашната Војска на Југославија, денес Србија и НАТО пактот. Тогашната СРЈ (заедница Србија и Црна Гора, а денес Србија) се согласила дека единствена вооружена сила на Косово и Метохија е НАТО, односно КФОР. Тоа е дефинирано преку Резолуцијата 1244 на СБ на ОН, за која гласале сите без исклучок.

И потоа тргнаа кон формирање на Косовски сили за безбедност, што е, исто така, спротивно на Резолуцијата, за во оваа нова влада на Курти да добијат и министерство за одбрана, и тргнаа во трансформација на Косовски сили за безбедност во косовски вооружени сили или Војска на Косово, што не смеат.

Кога ги прашуваме нашите партнери од НАТО дали учествуваат во тоа, тие велат - не, но на билатерално ниво одредени членки на НАТО и тоа како учествуваат во тоа.

И гледате дека се формира косовска војска и дека купуваат оружје, и тоа офанзивни дронови од Турција, Бајрактари, сакаат да купуваат и друго оружје.

Дури учествуваат во операции на други држави, еве, на пример, тие Косовски сили за безбедност се повикани да учествуваат од Велика Британија во нивната мисија на Фокландски Острови, на Малвини, каде ја провоцираат Аргентина и тој спор кој е отворен меѓу двете држави.

Сега баш ние треба да се мешаме во спорот меѓу Аргентина и Велика Британија.

Замислите ги нив десетина од Косово одат таму да прават не знам што. Но, сѐ тоа го прават смислено и тоа се познати сценарија.

Ние како држава и како војска на Србија внимателно следиме што се случува на територијата на Косово и Метохија по тоа прашање, и јасно ни е сценариото дека Курти би сакал да биде Зеленски, а ние некои мали Руси кои тргнуваат во некоја нова офанзива, бидејќи нема што да им понуди на своите граѓани. Нема инвестиции, нема фабрики, нема нова голема инфраструктура, имаат енергетски проблеми, немаат што да кажат.

Што можат да понудат освен... „еве ние сме изложени на српска агресија, еве пак 99, еве пак Србите тргнуваат, еве тој е мал Путин, овие се мали Руси, јас сум Зеленски... НАТО помогни ни.“ Тука се случува она што тие би сакале да видат дека се случува, и затоа гледате дека секој ден има обиди за предизвикување судири на Косово и Метохија.

Вчера нападнаа ново српско момче. Па пукаа во две момчиња за Бадник, на Стефан и Милан Стојановиќ затоа што носеле бадникови гранчиња. Во Штрпце, тоа е мала општина во близина на Шар Планина, на југот на Косово и Метохија, тоа е една мала српска енклава, не знам ни дали ги има 5000 луѓе.

Детето има 11, момчето 21 година. На нив пукал припадник на Косовски сили за безбедност. И потоа гледате фестивал на лицемерие на меѓународната заедница, дека го осудуваат инцидентот на Косово или жалат што двајца државјани на Косово се ранети и ја фалат работата на косовската полиција која брзо го открила сторителот. А зошто не кажете кој пукал врз децата и дека тие момчиња се мета затоа што се Срби?

Ѝ се брза на меѓународната заедница...

-Ѝ се брза затоа што Русија го користи аргументот на Косово.

Кое решение е прифатливо за Србија околу Косово, освен Заедница на српски општини? Големата петорка беше кај претседателот Вучиќ, притисокот е засилен, евидентно е дека ним им се брза до оваа пролет или лето да се заврши прашањето на преговори, договори, кое решение е прифатливо за Србија?

-Во право сте, тие се покровители на косовската независност и сакаат да видат брзо затворање на тој предмет за да му избијат аргумент на Путин кога зборува за Крим, Донбас, и други регии и области во Украина, зборувам за источниот дел на Украина. Затоа што косовскиот преседан е пример кој може да им послужи на многу други држави. Ако можело Косово и Метохија, може и Донбас или не знам некои други делови од светот, да не лицитирам.

И затоа е тој притисок на Србија - Србија да се согласи со тоа и да им се покаже на Русите дека не е идентична приказна, бидејќи Киев не се согласил, а овде Белград се согласил. А на Русите, секако, дека им одговара овој аргумент да кажат - еве ако сте можеле и вие во Косово сте имале воена акција, можеме и ние да имаме воена акција. Тоа што и една и другата страна го нарекуваат воена акција“.

Затоа е тој притисок сѐ поголем, ужасен е притисокот врз нас. Не ни се нуди ништо убаво, ни се нуди некаква европска перспектива еден ден, некогаш нешто...

Ветувања?

-Ветувања. Јас не можам да ви кажам кој е тој минимум кој Србија би можела да го прифати, затоа што дозволете ни и ние да не ги покажеме сите карти однапред, би било многу несериозно.

Но, не е можно да се дојде до целосно решение, а да не е суштински компромисно решение. Тоа значи дека двете страни мора да бидат еднакво незадоволни. Не е можно една страна сѐ да добие, а другата страна да добие Заедница на српски општини како невладина организација. Бидејќи нив навистина ги плаши Заедницата на српски општини да не биде нова Република Српска.

Ако тоа биде здружение на ниво на општинско доброволно противпожарно друштво, можеби може...но има точно воспоставени принципи од Бриселскиот договор и дополнителни анекси на кои мора да биде заснована Заедница на српски општини.

Замислете сега Курти да каже, па тоа не постои, тоа е е во согласност со нивниот устав. Па тие не се воопшто во согласност со нашиот Устав, па ние разговараме. Ако би го гледале тој нивен устав, не би можеле да се договориме околу ништо. Како да се договориме? Па тоа е глупост.

Токму затоа постојат тие меѓународни процеси, односно разговори под покровителство, на кои Србија се согласила. Мислам дека направила грешка кога дозволила да излезе од рамките на ОН во 2010-11 година и да премине на ниво на ЕУ. Тоа е грешка на тогашната власт во Србија, бидејќи мнозинството членки на ЕУ на Косово гледа како на независна држава, а во ОН тоа е малку поинаку, односно поинаков е распоредот на силите и колку-толку тоа би можело да се согледа пообјективно.

Дали ќе се постигне некое решение? Знаете што: Косовското прашање е отворено од Берлинскиот конгрес од 1878 и првата Призренска лига и никој не го решил. Сега дали баш тоа ќе го решиме оваа пролет или до некои избори кои тие ги имаат во 2024 година, не знам, но дека ќе бидат ужасни притисоците врз Србија, за жал, во тоа сум сигурен.

Ќе биде многу тешко за нас. Едноставно, не ни даваат да живееме нормално и пристојно, ние мораме да бидеме мудри, да не наседнуваме на провокации, да не влеземе во тоа сценарио од 90-тите години дека ние сме лоши момци. Бидејќи тоа што не можат да им направат на некои други, веројатно, би ни го направиле нам, затоа што сме мали, немаме нуклеарно оружје, немаме толкава држава и тогаш ние би можеле да бидеме добро поле некој да ги покаже своите мускули, така што мораме да бидеме паметни, мудри. Секако, дека постојат црвени линии и за нас, тоа го кажавме и пред меѓународните претставници.

Неодамна рековте дека односот на САД е многу покоректен од односот на некои земји и лидери од ЕУ. Претпоставувам дека тоа се однесува и на амбасадорот Кристофер Хил, кој беше и овде во Македонија и јас лично можам да потврдам дека тој е еден од најдобрите американски амбасадори, како пријател на Македонија, кои сме ги имале. Сега е во Србија, работи на решавање и прашањето на дијалог меѓу Приштина и Белград. Сметате ли дека тоа е негова заслуга што гласот на Србија сега повеќе се слуша и дека во некој нареден период може да се очекува и промена на ставот на САД во односот кон Србија и прашањето за Косово?

- Мислам дека во Србија и целиот српски народ каде и да живее не треба да биде во заблуда дека Америка ќе го промени својот курс и дека ќе се откаже од концептот дека за нив, Косово е независна држава. Да не се лажеме сами себе. И мислам дека тоа и натаму е на маргините на нивната политика, тука немаме дилеми.

Би рекол дека САД покажуваат една доза на разбирање да ги сослушаат српските аргументи. Фокусирани се на тоа ниво да ја слушнат нашата аргументација. Дали ја прифаќаат, не ја прифаќаат, делумно ја прифаќаат, делумно не ја прифаќаат – секако, дека тоа е прашање на дискусија и поимање, на перцепција.

Но, покажаа разбирање да ја слушнат нашата аргументација. И тоа е плус. Тоа секако е плус.

Зборуваме за држава која е најголема светска сила, сакаат тоа да го признаат некои или не, секако, дека нејзиното политичко влијание е најголемо. Не е прашање дали сакате или не сакате, прашање е нивниот политички капацитет, а тие, Американците, се најголеми.

Што се однесува до Кристофер Хил, тој нам во Србија ни остана од еден наратив од 1998-99 година, од времето на администрацијата на Бил Клинтон. Така растев и јас.

Но, познавајќи го, и работејќи, стекнав впечаток дека се работи за искусен дипломат, сериозен политичар и сериозен човек, доволно рационален пристојно да разговара, да ве уважува, и дека може да се разговара со него. Дека може да се разговара со него.

Неговата улога не е улога на класичен амбасадор, се надевам дека нема да ми замери што го кажувам тоа. Би рекол дека тој со својот интегритет, политички бекраунд и целото негово CV, ајде така да дефинирам, има позиција на супер амбасадор, дека има малку поголемо влијание отколку класичното влијание на некои амбасадори, па и амбасадори на САД.

Мојот впечаток е дека сака да дојде, да речам, до едно поповолно решение за Србија и целиот тој косовски проблем. Секако, дека тоа треба да се поима низ американската политика.

Благодарен сум му секој пат кога делувал или давал објективни изјави со политичка рационалност. Би било нефер тоа да го премолчам.

Гледаме како Велика Британија се справува со албанската супкултура и како го решава тоа прашање. Сакам да ве прашам, дали Македонија, Србија, Црна Гора соработуваат по тоа исто прашање и за начинот за решавање на таа супкултура?

-Сите народи на Западен Балкан како што тоа денеска се дефинира, треба да бидат свесни дека албанската нација е во политичка прогресија, и дека го гледа ова време како период на национал-романтизам, тоа што некои други народи го минувале во 19 или 20 век. Како заокружување на своја национална приказна. Не треба да се бега од тоа, треба да се разговара за тоа. Во демографска смисла, албанската нација на овие простори, за разлика од некои други нации е потентна и во пораст, прогресија.

Не мислам дека постои соработка меѓу државите да се занимаваат со албанското прашање, затоа што би довело до постоење на некаква антиалбанска коалиција. Не постои и не би било фер. И Србите, и Македонците, и Црна Гора имаат потреба на најдобар можен начин да ги вклучат Албанците во јавниот живот и во целокупното милје на тие држави.

Но, она што албанската заедница и популација мора да го прифати е да ги почитува тие држави. Јас верувам дека Албанците овде ја доживуваат Република Северна Македонија како своја држава. Се надевам дека е така.

Ние се обидуваме со албанската заедница во Прешево и Бујановац да работиме и да бидат вклучени, да имаат свои претставници, да им се слушне гласот, Србија инвестира во тие општини да не бидат некои џебови, да не бидат изолирани, туку вклучени, што не е лесно.

И затоа е целиот проект Отворен Балкан.

Не е спорен добриот однос на Скопје и Белград, но важно е и Тирана треба да биде тука. Важна е и заради Скопје, и заради Белград. За прв пат имаме такви односи. Бидејќи ако е вклучена Тирана, тешко е да објасните зошто Приштина не е поотворена и вклучена во тој процес.

Јас сум горд на тој наш заеднички проект Отворен Балкан. Горд сум и би сакал уште побрзо и полесно да ја минувам македонско-српската граница. Не во смисла дека некој некого не признава, не, па пуштете нѐ полесно да патуваме, па си признаа Франција и Германија полесно да се патува без некое задржување, јас зборувам луѓето полесно да патуваат, трговците полесно да тргуваат, да си ги признаеме тие дипломи едни на други. Мали сме и малубројни сме сите ние. И сѐ помалку сме. Во општи бројки ние сме толку мали, што мораме да се освестиме. Не треба себеси да се понижуваме, туку да се согледаме и да не се затвораме во некои мали ќошиња и простори за да бидеме сами на свое. Секој треба да се почитува еден со друг.

Никој нема намера, што се однесува до нас, да се загрозува чија било државност или идентитет. Мислам дека со тие работи сме на чисто. Но, да се обидеме да се здружиме секаде каде што е тоа можно.

И затоа е важна Македонија, Република Северна Македонија е како една нишка меѓу Србија и Албанија и вам тоа ве погодува заради албанскиот корпус во вашата држава. Природно ми е тоа. Како што мислам дека е природно Црна Гора и Босна и Херцеговина исто да се дел од тоа. И ајде да го додадам ентитетот Косово и Метохија.

Јас не знам каде мислат да бидат на друго место.

И тоа не е никаква алтернатива за ЕУ. Тоа е само покажување дека ние сме подготвени за ЕУ ако соработуваме заедно. А тоа ако сега сите се заклучиме и застанеме чекајќи ја ЕУ, не работејќи ништо дотогаш, мислам дека е погубно.

Кога ќе го видам примерот на Македонија, вашата држава, Северна Македонија и на Албанија, тоа се толку неправди. Вие сѐ исполнивте и не сакаат да ви отворат ниеден кластер или не знам веќе што. Тоа е толку нефер. Еве јас кажувам како граѓанин на Србија, како Србин. Тоа е толку нефер, и толку е обесхрабрувачки за сите нас, не само за Македонците, туку за сите нас.

Ние знаеме што е проблемот, а тоа е прашањето со Косово и Метохија. И тоа е наш историски проблем, историски предизвик. Вие се направивте, дури го сменивте и името на државата. Донесовте тешки одлуки и го изнесовте тоа. Сигурно е дека не е нешто што било многу популарно да се направи. Го направите тоа, станавте и членка на НАТО пактот. И некој ви кажува не сте ни за отворање поглавја, или како се кажува, кластери.

А што да кажеме за Тирана и Албанија? Што имаат спорно, сѐ направија. Немаат никаков спор, немаат никаков проблем, немаат ниту внатрешен, ниту територијален, ниту некој од соседите ги задева за да имаат некои спорења. Во НАТО се, апсолутно следат сѐ што Америка и ЕУ кажуваат, немаат никаква различна позиција.

И? Нула бодови.

Кога веќе зборуваме за регионот, да зборуваме и за Босна и Херцеговина. Преку медиумите можевме да видиме дека се најавува промена на мисијата на ЕУФОР со испраќање на дополнителни сили. Кој е вашиот коментар за причините и последиците од сето ова?

-Немаме ние проблем со тоа АЛТЕА или ЕУФОР да расте во Босна и Херцеговина во смисла за зачувување на мирот и она што е дефинирано со меѓународните договори.

Србија апсолутно го признава територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина. Србија инсистира Босна и Херцеговина да се согледува како сложена држава од два конститутивни делови, а тоа е Федерација Босна и Херцеговина и Република Српска. Само така може Босна и Херцеговина да опстане. Не може Босна и Херцеговина да опстане така што некој ќе ја угасне Република Српска. Бидејќи така го гасите она што е дефинирано со договорите со кои дојде до прекин на судирите и воените дејствија во Босна и Херцеговина. А тоа беше една од најкрвавите војни.

Не може да работите на засилување на интегритетот на Босна и Херцеговина така што ќе угасите еден дел од Босна и Херцеговина. Или на еден од конститутивните народи да му поништите да има право на некои посебности во рамките на таа држава, не во рамките на некоја своја држава.

И што е поголем притисокот врз Република Српска, толку се и посилни изјавите на Република Српска да бараат некој поинаков статус. Ние сметаме дека Босна и Херцеговина мора да биде конципирана и заснована на еднаквост на сите три народи, зборувам и за бошњачкиот, српскиот и хрватскиот народ, и на еднаквост на двата конститутивни ентитети, кои се дефинирани во Дејтонскиот и Парискиот мировен договор.

Сега не ѝ давате на Република Српска да го слави денот на Република Српска. Па пуштете ги, ако гледате дека 9 јануари е денот на Република Српска, па како можете тоа со декрет да го забраните? Не можете на народ да му забраните нешто да одбележува.

Ние правевме грешки како Србија, мислевме дека можеме на Албанците сѐ да им забраниме на Косово и Метохија. Тоа е она што Курти денеска го прави со Србите. Истата грешка ја прави како што ние ја правевме во 80-90-тите години. Истото го прави сега Курти.

Не можете сега на Република Српска да ѝ забраните да нема право на знаме, на датум, пуштете ги, па не можат никаде да одат, тука се, во Босна и Херцеговина се. Србија го кажува тоа, дека се во Босна и Херцеговина. Република Српска постои како ентитет, како конститутивен дел на Босна и Херцеговина. Ако ја сакате Босна и Херцеговина, а сите ја сакаме, тогаш почитувајте и признајте ја Република Српска.

Немојте да изговарате РС. Тие не сакаат да изговорат Република Српска. Изговараат РС. А замислете сега јас да изговарам БиХ, БиХ, БиХ, а не да кажувам Босна и Херцеговина. Кажувам Босна и Херцеговина, која се состои од два дела: Федерација Босна и Херцеговина и Република Српска и три конститутивни народи.

Ние со Македонците немаме ниедно нерешено или отворено прашање.

Она што за нас како Србија и Срби е важно е дека мораме да работиме да имаме најдобри можни односи со Бошњаците. Од пресудно значење е Србите и Бошњаците да имаат најдобри можни односи. Тоа е интерес и на Србите и на Бошњаците, на Србија и на Босна и Херцеговина. Затоа би требало едни со други подобро да се слушаме, да се разбираме, да не потценуваме ничии солзи и страдања, туку да гледаме таа соработка и тој договор да бидат вистински силни, ако не братски, барем пријателски.

Не знам кои можат едни на други да си бидат поблиски. Ќе ни бидат поблиски држави кои се наоѓаат на илјадници километри и од нас и од нив. Тоа би било бесмислено и без добар резултат.

Моето претпоследно прашање, зошто Хрватска се вооружува иако е членка на НАТО?

-Прашањето е добро, но ќе треба да ги прашате Пленковиќ и Милановиќ.

Вас ве прашувам, кои се вашите претпоставки?

-Не знам, навистина. Се сомневам дека ќе војуваат со Австрија, Словенија и Унгарија. Не верувам ниту дека Италија им е мета.

За жал, Хрватска купува офанзивно оружје. За жал, купува. И тоа ме загрижува. Се надевам дека тоа не е искажување на претензии или намери кон кој било, а би сакал Србија и Хрватска заеднички да работат на подобри односи. Мораме да работиме на подобри односи бидејќи живееме едни покрај други и тоа нема да се смени. Што и да чувствуваме едни кон други, како и да гледаме на некои историски настани, а не гледаме исто, тоа не значи дека не треба да соработуваме, дека не треба да се слушаме едни со други, дека не треба подобро да тргуваме меѓусебно, да живееме заедно едни покрај други.

Јас верувам дека заеднички ќе работиме на тоа. Тие нека слават датуми кои мислат дека треба да ги слават, нека разберат дека ние одбележуваме датуми како што ние ги гледаме и како што сме ги почувствувале.

Моето последно прашање: Србија има своја наменска индустрија, претседателот Вучиќ најави дека тоа што ви недостига ќе биде увезено, а дека се извезува и се увезува од земји членки на НАТО. Сходно на тоа, што најмногу се бара од наменската индустрија од Србија и што е тоа што ќе го увезете од земјите членки на НАТО. Воедно, најавивте отворање на нови бази и воени објекти во Србија, ги определивте ли локациите каде?

-Што се однесува до новите касарни, кампови и бази, разгледуваме опции и ќе донесеме одлука согласно проценките за безбедносни ризици, предизвици, но и во контекст на развојот на проектот 5000 припадници на специјалните единици. Имаме локалитети во Централна Србија, северна Србија односно Војводина и Источна Србија. Тоа би биле точки на идниот развој на инфраструктурата за војската на Србија.

Што се однесува до вооружувањето, воената опрема која се произведува во Србија - сѐ што произведуваме би можеле да продадеме во следните 10 години, таква е побарувачката. И едната и другата страна во судирот во Украина сѐ би ни купиле.

Бидејќи се држиме до политиката на воена неутралност не продаваме на ниедна страна во судирот и гледаме крајните купци да бидат од држави каде што тоа е дозволено и кои не се вклучени во судирот. А сѐ што произведуваме би можеле да продадеме. Пред сѐ, артилериската муниција е многу барана, српската артилериска муниција.

Што се однесува до купувањето на вооружување од други држави за Србија, тоа е многу комплексно прашање. Она што им го плативме на Русите не може да дојде од Руската федерација заради санкциите, така што ние повторно сме погодени, а не Русите.

Тоа што треба да го добиеме од Кина, не ни даваат да дојде до нас. А на Запад кога сакаме нешто да купиме, често нѐ прашуваат - што ќе ви е, зошто ви треба тоа.

Но, добро, направивме поместување, пред сѐ, со Франција, имаме сериозни разговори со партнери од САД, купуваме исклучиво одбранбено оружје и опрема во согласност со нашата воена неутралност.

Не му се закануваме никому, и чувајќи го заедничкиот мир и стабилност на просторот на Балкан, што е наш интерес и интерес на сите нас. Што се однесува до нас, не се грижете, ние гледаме како да ја штитиме нашата држава не загрозувајќи никого, без какви било претензии кон кого било, а голем предизвик е да се набави оружје и воена опрема.

Нашата наменска индустрија е мошне ценета и барана.

Ви благодарам за ова интервју.

-Ви благодарам и чест ми е што разговаравме... Многу сум горд на историските договори меѓу двете држави и двата народа. И во поглед на политичко-државните прашања. Голема работа е направена и на црковно ниво. Многу сум горд на одлуката на Српската православна црква поврзано за автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Тоа се големи достигнувања, можеби ние кои живееме во сегашноста не сме свесни за историската тежина на работите кои се решени.

Мислам дека не сме свесни, бидејќи тоа ни се подразбира.

А за тоа беа потребни децении и децении.

Тоа е нешто кое мора да го чуваме, да ги чуваме македонско-српските односи. Не загрозувајќи кој било, да се почитуваме и дека сме вистински пријатели и браќа. Заеднички да работиме и да живееме и да сфатиме дека треба да бидеме еден заеднички пазар.... Секоја изолираност, нѐ води во лоша политика и лоши резултати.

Горд сум на нашите односи. Би сакал овие односи да бидат сѐ подобри и подобри. Ме загрижуваат демографските податоци. Македонија и Србија имаат изгубено значителен дел од населението и тоа е голем проблем и луѓето треба да разберат што се случува.

Денес е попопуларно да се има домашно милениче наместо дете, денеска повеќе се жали за дрво отколку за човек. И ако тоа го кажете, вие веднаш сте осудени на социјалните мрежи.

Ако кажете ни требаат повеќе деца, ќе ви кажат дека се мешате во приватни односи. Ако кажете дека ви се подраги луѓето од дрвата, веднаш ќе ви одговорат дека не сте за екологија, ја напушташ зелената агенда...

Јас многу ги сакам и кучињата и мачињата, ги сакам и дрвјата, заљубен сум во природата, но малку повеќе сакам луѓе и деца.

А имаме проблем, ќе нѐ има сѐ помалку на овие простори, и после да не се чудиме што се случува, зошто некој станува сѐ подоминантен, а некој е помалку присутен.

Демографијата чини чуда.

ИВОНА Талевска

Фото: Вечер.мк

Видео: Вечер.мк

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk