Речиси 70 години откако бугарскиот претседател Тодор Живков ги укина националните малцински права на Македонците во Бугарија што ги добија од Ѓорѓи Димитров нашите сонародници главно концентрирани во Пиринска Македонија но и сите Македонци во светот ја остваруваат својата најголема национална дипломатска победа во битката со негаторските власти во Софија.
Победата е уште поголема ако се знае дека е извојувана без поддршка од властите во Скопје кои за да го оправдаат договорот со Бугарија како да навиваат за негаторите на Македонците во ова земја.
Последните најави од Софија укажуваат дека Владата во Софија може да “игра” со Зоран Заев но веќе нема излез и алиби за неспроведување на одлуките на најстарата Европска организација и наскоро ќе мора да го признае правото на регистрирање на македонски правни ентитети.
Поконкретно Софија ќе ја регистрира политичката партија “ОМО Илинден Пирин” како почетна фаза до регистрација на сите македонски здруженија, организации или било каков друг вид на асоцијации на Македонците во оваа земја.
Ваквиот развој на настаните целосно го менува актуелниот наратив на билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија.
Со новата позиција на Софија пред заклучоците на Комитетот на министри при Советот на Европа од каде постои закана Бугарија да биде исклучена од институцијата која се грижи за човековите права на стотици малцинства, етнички, јазично и верски дискриминирани групи, Македонија добива можност за исправање на историската неправда.
Официјално Скопје односно владата на Зоран Заев која со договорот за добрососедство се откажа од македонското малцинство во источниот сосед сега има не само национална, државна или морална туку и меѓународно правна обврска да го поддржи правото на Македонците во Бугарија на самоопределување.
Дополнително Македонија има обврска да ги почитува одлуките на Советот на министри на Советот на Европа но и на самата бугарска влада која де факто го признава постоењето на Македонците во Бугарија и правото тие да се организираат за остварување на политички, социјални, културни, образовани и други права
Со бугарската одлука да го регистрира Омо Илинден Пирин, донесена од страв од катастрофални дипломатски последици целосно се менува духот на Договорот за добрососедство со Бугарија и се наметнува потребата од негова ревизија или целосно поништување.
Дури и по цена потоа Софија да тужи и да оди пред Меѓународниот суд во Хаг.
Освен Македонците во Бугарија кои помогнати од бугарски и македонски активисти и адвокати, сега на ред се и македонските дипломатски и владини претставници кои ако сме нормална држава ќе мора да ја ефектуираат оваа голема победа за која постојат документи кои наскоро ќе станат јавни.
Најголемиот товар во Владата во Скопје сега е на плеќите на шефот на дипломатијата Бујар Османи кој на јунската сесија на Советот на Европа ќе треба да се изјасни во корист на Бугарија а против својата земја, во корист на Македонците во Бугарија а против земјата која не блокира во ЕУ или да биде воздржан што од политичка гледна точка е политичко самоубиство за човекот што еден ден сака да ја води владата на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други.
Ако Османи се позиционира против Македонците во Бугарија свесно ја завршува својата кариера како можен државен претставник на огромен дел од Македонците.
Ниту тој ниту Заев и Бучковски не можат да ја нарушат огромната дипломатска победа која се базира на принципот на почитување на универзалните човекови права.
Единствено што можат да направат штетно е да застанат на страната на веќе поразените бугарски власти кои ќе мораат да ги регистрираат македонските здруженија во Бугарија.
А потоа историјата со нив ќе прави што ќе прави.
Експрес.мк
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата