logo
logo
logo

КОНТРОЛАТА ЌЕ БИДЕ САМО НА ЕДНА КУЌИЧКА, наместо на две како досега: Тошковски и Дачиќ потпишаа „One Stop“ систем

Vecer | 09.05.2025

КОНТРОЛАТА ЌЕ БИДЕ САМО НА ЕДНА КУЌИЧКА, наместо на две како досега: Тошковски и Дачиќ потпишаа „One Stop“ систем

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска во Белград потпишаа договор за воспоставување заеднички контроли на Табановце-Прешево.

Овој договор воведува „One Stop“ систем на граничниот премин. Системот има цел да се забрза протокот на луѓе и стоки, да се поттикне трговијата, туризмот и пријателството меѓу двете земји.

Полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја.

Па така, ако одите за Србија, српските погранични власти ја вршат целата контрола за влез во земјата Србија и за излез од Македонија.

И обратно, тие што ќе доаѓаат во Македонија, македонските погранични власти ќе ја вршат влезната контрола за Македонија и излезната за Србија.

– На мое огромно задоволство го потпишавме договорот врз основа на кој нашите две држави ќе имаат заедничка контрола на граничниот премин Табановце-Прешево со што ќе овозможиме побрз трансфер и проток како на стоки и услуги, така и на луѓе на нашата граница. Со имплементација на системот очекуваме за двојно да се забрза трансферот на луѓе, а по потпишување и ратификација на договорот ќе можеме да започнеме со тест фазата од аспект на техничко решение и се надеваме дека пред почетокот на летната сезона ќе можеме и официјално да го ставиме во функција и да го забрзаме протокот на луѓе – изјави министерот Тошковски.

Тошковски истакна дека соработката со српската полиција продолжува успешно, особено во борбата против криминалот. Тој потврди дека и ова лето ќе продолжи размената на полициски службеници, со српски полицајци во Охрид и македонски на настани во Србија.

Министерот Дачиќ објасни дека договорот за заедничките контроли на Табановце-Прешево ќе го олесни преминувањето на границата.

– Денес го потпишавме договорот меѓу двете влади за воспоставување на заеднички контроли за меѓународен патен сообраќај Прешево-Табановце каде воспоставуваме нов процес на работа кој има за цел поедноставување на комплетната процедура на граничните проверки така што полициските службеници на земјата домаќин ќе бидат овластени покрај влезната гранична контрола на својата земја ќе ја извршат и излезната гранична контрола на соседната земја. Така го воспоставуваме ‘One Stop’ системот со едно место на контрола – рече Дачиќ.

Системот ќе овозможи полициските службеници на една земја да вршат и влезна и излезна контрола, намалувајќи го времето на чекање.

Тошковски најави дека по ратификацијата на договорот ќе започне тест-фазата за техничкото решение. Целта е системот да биде функционален пред летната сезона, за да се забрза протокот на туристи и патници.

Дачиќ додаде дека „One Stop“ системот веќе е имплементиран со Косово на премин Блаце-Елез Хан, а наскоро се очекува и со Албанија.

Со тоа, Македонија ќе го има овој систем со сите соседи надвор од ЕУ.

Фото: МВР

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk