logo
logo
logo

Предложени законски измени во Законот за заштита на население од заразни болести

Ќе се забранува влез на невакцинирани и непрележани лица во затворени објекти?

Vecer | 12.12.2022

Ќе се забранува влез на невакцинирани и непрележани лица во затворени објекти?

Комисијата за европски прашања ја одложи денешната седница на која требаше да се расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на население од заразни болести. Седницата е одложена за 14 декември, согласно распоредот на веб-страницата на Собранието.

Според Предлог законот, во случај на појава на заразна болест, се предлага забрана за влез во објекти за лица кои не се вакцинирани или немаат потврда за прележана болест. Министерството за здравство исто така, ќе може преку примена на технолошки методи да спречи ширење на заразната болест.

Во членот 28 се додава нова потточка со која се забранува влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.

Во член 29, пак, се додава нов член 29 а, којшто заради спречување на ширење на заразни болести дозволува Министерството да примени технолошки достигнувања како интернет платформи, паметни апликации, електронски услуги и слично, при што во однос на обработката на личните податоци се применуваат прописите од областа на заштита на личните податоци, како и соодветни технички и организациски мерки за да се обезбеди ниво на безбедност на личните податоци соодветно на ризикот.

Заразните заболувања поради своите епидемиолошки карактеристики, јавувањето во епидемиска форма, оштетување на здравјето, смртноста, високиот морбидитет и морталитет, претставуваат не само медицински, туку и социјален, економски и финансиски проблем за секој здравствен систем и значајна закана за здравјето на населението. Една од мерките за успешно и навремено сузбивање на заразните болести е задолжителното пријавување и информирање за појава на заразни болести и епидемии, пишува во новиот член 29а.

Се додава дека Светската здравствена организација евидентира болести што не познаваат граници и идентични фактори на ризик, заради што препорачува засилување на националните системи за надзор над појавата и ширењето на заразни болести и воспоставување на мрежи на комуникација на национално, регионално и пошироко ниво, како одговор на ваквата состојба. При тоа, основниот принцип е приспособување на здравствената заштита кон потребите на човекот и населението.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населени од заразни болести е со европско знаменце, односно треба да се изгласа по скратена постапка.

Фото: СЗО

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk