logo
logo
logo

„ЌЕ ИЗЛЕЗАТ МНОГУ ИНТЕРЕСНИ РАБОТИ ЗА МИЈАЛКОВ, истражувањето е работа на обвинителството“

Vecer | 05.04.2026

„ЌЕ ИЗЛЕЗАТ МНОГУ ИНТЕРЕСНИ РАБОТИ ЗА МИЈАЛКОВ, истражувањето е работа на обвинителството“

„Во следниот период ќе излезат многу работи за Сашо Мијалков кои ќе бидат интересни за јавноста, но истражувањето е работа на обвинителството и тука не планирам да се мешам“, вели вицепремеирот и министер за транспорт и врски Александар Николоски.

Тој претходно го повика Обвинителството да го испита потеклото на имотот на поранешниот директор на УБК, но од таму доби одговор дека тие не работат по повици, туку по обезбедени докази.

„Ја видов таа изјава. Јас мислам дека кажав што имам да кажам во однос на таа тема, а во однос на прибирање докази, тоа е секако работа на обвинителството, а не моја работа и немам намера тука да се мешам, но сум убеден дека во следниот период ќе излезат многу работи коишто ќе бидат интересни за јавноста“, изјави Николоски.

По критиките од активистите, дека Мијалков гради хотел на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје без потребните одобренија, Николоски пред неколку дена рече дека хотелот на локалитетот Горица ги има сите потребни дозволи и нема никакво урбанистичко прекршување, но клучното прашање е потеклото на парите – како му се легализирани парите на Мијалков за да може да гради хотели.

Хотелот на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје го гради фирмата Дивелоп груп. Сопственик на една третина од Дивелоп груп е фирмата Бест веј инвестмент во сопственост на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков.

Дивелоп груп го купува земјиштето од Република Македонија во 2011 година на јавно наддавање од Министерството за транспорт и врски. Фирмата на младиот Мијалков влегува во сопствеништвото на фирмата во 2018 година, кога ги презема уделите од Орка Холдинг, кога татко му веќе не е на функција.

Сашо Мијалков во 2022 година призна вина и доби 3 години затвор за перење пари во случајот Империја и му беше конфискуван имот од 36 милиони евра.

Извор: Телма

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk