Одамна не си напишал смешна колумна. Одамна ништо не ме изнервирало, разлутило, вознемирило.
Тебе ти е тогаш до смеење?
Нервоза, лутина и вознемиреност создаваат мачнина на душата. За неа тоа е неприродна состојба. Ѝ доаѓа веднаш да пикне два прста во уста и гадно да се исповраќа врз стварноста. Тогаш сфаќа дека не може да има ниту два прста, ниту уста, а камоли да се згрчи во онака чудна положба и да исфрли од себе сè што јадела.
Хм, јадела, си вели душата, каква блесава телесна акција и ете ја сликата на човечко тело што внесува во себе храна низ една дупка, а потоа, по кратко време, внесеното го исфрла низ друга дупка со таа разлика што при внесување телото уживаше во миризбата, додека при исфрлање си го затнува носот, односно внесените убави мириси, преработени изнесуваат смрдеа.
А замисли да беше обратно, почнува да се смее душата! Секојдневјето те храни со нервоза, гнев и немир, ти голташ и преработуваш, па му прдиш в лице насмевка.
Извини, аме некако не ми се допаѓа сликава.
А што да правам? Не умеам поинаку. Затоа, да зборуваме за човечката природа. Од тоа што досега јас сум го разбрал, на човекот природна состојба му е удобноста среде која тој сака да јаде, пие, да ужива, да работи за да заработува, односно да напредува во кариерата, да сретне друга личност со која чувствува заемна атракција, по што следува отфрлање на облеката од себе со цел да се пари и воздивнува што, пак, може да доведе до размножување, ама и не мора.
Модерно кажано, човекот сака да се оствари себеси, иако мене вака срочената кованица никогаш не ми била сосема јасна.
Во ред, остварувај се ти, ама не мора да го правиш тоа во моја близина, нели? Што ќе ти фали ако се остваруваш себеси ене онде, зад аголот, другана улица, град, димензија? Оти додека ти ме напнуваш со своето себеостварување, мене ми иде да влезам во фаза на растворување за да се разлеам потоа што подалеку.
Патем, сум забележал дека оние што со леснотија стигнале до себеостварување, никогаш не се задоволни од себе, затоа што секогаш може подобро бидејќи само небото им е лимит и тебе некако веднаш ти доаѓа да фатиш спротивен правец од тоа нивно небо, што подалеку, макар и на шанкот во пеколот, а оние што со мака минуваат низ тој себеостварувачки процес вложиле толку многу напор за да стигнат до она што за себе го проектирале, насобрале толку многу нервоза соочувајќи се со пречките што почнуваат сопствениот внатрешен свет да го рефлектираат на тебе и така се напорни што ти потоа се чудиш зошто си, по ѓаволите, одеднаш нервозен.
Затоа човекот, соочен со сите овие комплексни состојби, дошол до чуден заклучок дека за навистина да се оствари себеси, потребно му е да најде сродна душа, односно љубовта на својот живот, иако јас, од ова скромно искуство што го имам, малку сум скептичен околу терминот сродна душа и сè повеќе сум убеден дека вистинскиот израз е тело што возбудува, барем од досега приложеното на сè што ме опкружува.
Ама во ред, ќе се држам до единиците мерки на мнозинството – љубов, сродна душа и потрагата по нив за човек целосно да се оствари себеси.
Ќе ни кажеш детали од твојата интимна биографија?
И јас еднаш ја барав сродната душа. Среде таа потрага по изгубеното време, една ми заличи на сродна. Договоривме средба. Долго ја чекав на шанкот на вечноста. Дојде со половина живот задоцнување. Сфатив дека поголемиот дел од времето го изгубила на дотерување, веројатно мене да ми се допадне.
Потоа, отвори уста. Јас веднаш посакав да ја отворам вратата на црната дупка што ќе ме проголта и префрли на другиот крај од вселената, ама вообичаено за еден несмасен идиот, не знаев кај сум го затурил клучот. Океј, си реков, барем колковите и колената на тие прекрасни нозе, совршени се. Почнавме да разговараме. Што си во хороскоп, ме запраша. Лав, одговорив. Направи таков кисел израз на лицето што веднаш ми дојде во него да ставам зелка за зимница. Што е проблемот, запрашав.
Бившиот ми беше лав, одговори. А ти што си во хороскоп, прашав и јас. Рак, возврати. Така се скиселив што веднаш можеше да ме искористи како средство за чистење на веце-шолјата. Што ти е, праша, мама и тато, шепнав, умреа од рак. И живеевме среќно разделени до крајот на пасусов.
Знам, ви се преврте утробата. Нема да видите од мене автобиографија, не сакам никому да му ја загорчувам стварноста. За разлика од мене, поголемиот дел од човештвото си ја наоѓа сродната душа, љубовта на својот живот. Кулминација на таа потрага, вообичаено се… Децата? Не, децата се попатна станица, средство за прочистување на она што во родителот останало како неостварена амбиција.
Од приложеното што ме опкружува на планетава, најчеста кулминација на пронаоѓањето две сродни души се разводите. Развод ти е еден вид пресвртница, преродба, вртење нова страница. Ама зошто толку брзо се разведовте? Сфати, едноставно не се пронајдов во љубовта. Чекај малку, како што пред извесно време ми кажа дека не се пронајде во работата? Токму така. Фак! Фак! И сега пак си на патот кон себеостварување? Кај го затурив факинг клучот за црната дупка кон другиот крај на вселената?
Ама тука е кваката. Всушност, за човекот да се оствари себеси, прво мора да се пронајде себеси, па затоа треба да се бара себеси. Оние ненормалните од митолошките и старозаветните времиња, Бога го барале, модерниот човек себеси се бара.
Океј, океј, ама зошто, по ѓаволите, мора да ме тормозиш и мене за да те бараме заедно тебе? Земи некој друг, те молам, а мене остави ме сам на шанкот на здодевноста. Така се појавија професиите инфлуенсер и life coach (животен тренер). Јас, кој се водам по Диогеновата максима „не ми го земај тоа што не можеш да ми го дадеш, односно тргни ми се од глава, ми го покриваш сонцето со својата сенка“, а научен да тренирам отсутност во животот на другите, тешко ми оди со прифаќање на новиот образовен систем што го водат инфлуенсерите и life coach експертите.
Уште потешко ви ја сфаќам онаа комплексна одисеја од потрага до пронаоѓање со цел остварување… на себеси. Веднаш најодисејски ставам восок во ушите, оти модерниве сирени не маѓепсуваат, туку трубат и така вознемируваат.
Русјаков, одамна не си напишал толку одвратна колумна.
А што да правам? Писател сум. Ние писателите некако интуитивно знаеме дека пронаоѓањето на себеси е заглавување во лошо друштво. Затоа во нас се создаваат неостварени ликови што се закачуваат за нашите фрустрации и се обидуваат да се остварат како приказни. На некои од тие приказни им успева да станат и уметност, иако повеќето, како моите, времето ќе ги прегази.
Александар Русјаков (Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата