Судската разврска за трагичната смрт на Ивана и Катја Јовановски денеска доби нови детали со сослушувањето на сведокот Мартин Саздов. Во судницата на скопска „единица“, Саздов беше испрашуван за неговите релации со обвинетиот Стојанче Јовановски, во обид на обвинителството и одбраната да ги расветлат настаните кои доведоа до оваа семејна трагедија што ја потресе јавноста.
- Од тој датум кога починаа, како животот да ми застанал. Немам мотив за живот - рече Саздов.
Во 2021 година се запознале со Стојанче во Противпожарната, каде што се вработиле, се дружеле со него и неговата сопруга и ќерката, потоа и со девојката на Мартин.
- Додека се дружевме, Ивана ја гледав како сестра, како најдобра другарка. Престанавме да се дружиме кога дознав дека се гледал со девојката со која се гледав јас, со мојата девојка, потоа се оттргнав од него. Со Стојанче не зборувавме, не се гледавме. Мислам дека беше август 2025 година, ми се јави Ивана во 1 по полноќ со плачење и ми рече - „извини што ти ѕвонам олку касно, немам на кој друг да се јавам, јас со Катја сум пред Штип, може ли да дојдеш да нè земеш, Стојанче нè исфрли од кола“ - сведочеше Саздов.
Отишол по нив. Биле зад рабникот, се криеле со Катја. Ивана плачела, цела расоблечена, искубана, модра, двете плачеле со Катја.
- Рече дека ѝ е страв да оди дома, да не ја тепа пак. Не сакаше ни кај мајка ѝ за да не ја гледа во таква состојба. Да те однесам дома кај мене, сестра ми е дома, реков - сведочеше Саздов.
Ивана првин плачела многу, се гушкале со Катја, биле седнати одзади во возилото.
- Се обидов да ја смирам, ја прашав што се случило. Таа го промашила патот и Стојанче се изнервирал и почнал да ја тепа. Катја ми кажа дека ѝ ја удирал главата на Ивана од потпирачот на седиштето за раката помеѓу двете седишта, Катја покажуваше кон потпирачот дека ѝ ја удирал главата на Ивана. Видов модринки на главата и на рацете кај Ивана, целата беше искубана и исплашена. Ивана ми кажа дека ги исфрлил од автомобилот како партали и им викал курви, курви мали, на Ивана и на Катја. Со клоци ја шутирал и ѝ реков на Ивана да не зборуваме веќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе зборуваме - раскажуваше сведокот во судницата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата