На градежниот сектор очајно му недостигаат квалификувани работници. Се проценува дека се потребни околу 20.000 работници, од кои 70% квалификувани градежници. Градежниците велат дека платите веќе не се услов остручениот кадар во градежништвото да остане да работи во земјава, туку главно се условите за работа, времето поминато на работното место и други бенефиции, објави ПлусИнфо. Проблемот со недостиг од квалификуван кадар, велат тие, е една од причините за намалување на градежната активност и намалениот обем на работа, што е загрижувачки ако се знае дека овој сектор е еден од носечките во економијата.
Дека проблемот станува алармантен покажаа и последните огласи за вработување кои ги распиша конзорциумот „Бехтел и Енка“. За 2.000 работни места конкурирале само 360 луѓе, а на конзорциумот му се потребни 8.000 работници.
Градежниците велат дека проблемот може да се реши со увоз на работници од странство и насочување на младите во стручно образование, како и поголем ангажман на домашните компании во реализација на капиталните инвестиции на земјата, што ќе овозможи компаниите да можат да даваат повисоки плати за да го запрат заминувањето на работниците во странство.
Никола Велковски од Здружението за градежништво вели дека проблемот е актуелен веќе 10 години, но нема мерки од државата кои би им помогнале на компаниите.
– Во градежништвото стандардно работат од 45.000 до 55.000 работници, но компаниите имаат потреба од дополнителен кадар кој ќе работи на реализација на сегашни и идни проекти, ако сакаме да се подобри обемот на работа кој во последните месеци рапидно опаѓа. Потребите од квалификувана работна рака се поголеми во високоградбата, наспроти нискоградбата каде што се потребни други работници и добар инженерски кадар кој ја врши работата. Во високоградбата е потребен пообичен кадар и занаетчиски кадар кој се помалку го има во земјава, а мислам дека го нема и пошироко во регионот и ЕУ. 70% од потребите од нови работници во градежништвото се за квалификувани кадри и затоа се случува тој недостиг од работници во овој сектор. Пример ќе ви дадам со мојата фирма. Три години бараме работници и досега се јавил само еден – вели Велковски.
Тој се сомнева дека и преку најавениот увоз на работници ќе може да се обезбеди квалификуван градежен кадар, бидејќи таков веќе нема на пазарот, а земјава не е конкурентна со условите кои ги нуди.
Според него, решение на проблемот е во обуката на домашен кадар кој ќе се обезбеди преку зголемен број на ученици во стручните училишта и преквалификација на луѓето кои се на списокот на невработени во Агенцијата за вработување.