Поради изминат рок уништени се околу 20 илјади дози од вакцините на „Фајзер“ кои беа донација од Бугарија, а на кои им беше поминат рокот за употреба, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Според сите процедури запалени се околу 20 илјади дози вакцини од производителот „Фајзер“ на кои им беше поминат рокот за употреба, рече Филипче и нагласи дека тој процес Министерството за здравство го чинело само 200 денари.
„Тоа не е ништо невообичаено, ние на неделна основа преку Агенцијата за лекови уништуваме лекови со поминат рок, вакцини или други медицински средства и тоа се прави според строга процедура. Многу големо внимание обрнуваме на таквиот процес да не се случи нешто што е со поминат рок да остане во употреба“, рече Филипче.
Инаку, Бугарија на Македонија ѝ донираше 50 илјади дози фајзерови вакцини кои пристигнаа во средината на септември, а нивниот рок за употреба беше до 30 септември. Образложението на бугарскиот министер за здравство на седница на нивната влада беше дека на овие вакцини набрзо им изминува рокот и дека е подобро тие да бидат донирани.
Македонското Министерство за здравство тогаш излезе со соопштение дека ќе има доволно време оваа донација да биде употребена.
Преостанати се десетина илјади дози од вакцината Астразенека кои ќе бидат аплицирани на повозрасни категории граѓани, рече Филипче.
Вакцини има доволно за сите граѓани, рече Филипче и информира дека во текот на утрешниот ден ќе пристигне донација на вакцини од Полска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата