Суспендиран е профилот на Твитер на министерот за здравство Венко Филипче. Откако половина месец истиот беше ставен под привремени рестрикции, сега е суспендиран.

Во објаснението на Твитер стои дека причината за тоа е поради „забележана необична активност“.

Претходно на 16 јули, кога профилот на Филипче беше ставен под рестрикции, од министерството за здравство објавија дека тоа е затоа што наводно при логирање бил внесен погрешен код за верификација.

„Твитер профилот на министерот за здравство д-р Венко Филипче, утрово беше ставен на рестрикција од страна на ‘Твитер’, од причина што ненамерно при логирање беше внесен погрешен код за верификација. Оваа активност за социјалниот медиум беше причина истиот да го ограничи профилот, се работи на надминување на проблемот“, соопштија тогаш од министерството за здравство.

Сепак иако изминатиот половина месец корисниците на Твитер можеа да ги видат содржините на профилот на Филипче, од денеска тоа не е повеќе возможно.