logo
logo
logo

ОД МАКЕДОНИЈА БИ СЕ БАРАЛЕ УСТАВНИ ИЗМЕНИ дури и за неполноправно членство во ЕУ?

Vecer | 03.03.2026

ОД МАКЕДОНИЈА БИ СЕ БАРАЛЕ УСТАВНИ ИЗМЕНИ дури и за неполноправно членство во ЕУ?

Во Брисел во последните месеци се актуелизираат дебатите за побрз прием на нови членки и измени на досегашните правила.

По руската инвазија врз Украина, проширувањето на ЕУ стана безбедносно прашање. Европската комисија разгледува начини за брз прием на Украина во Европска Унија како дел од мировниот договор со Русија, при што таа не би добила полноправно членство веднаш, туку би го стекнала низ процес на транзиција.

Идејата за Европа во „две брзини“ би требало да се однесува и на земјите од Западен Балкан, но без право на глас во првата фаза.

МИА разговараше со тројца аналитичари, Ивица Боцевски, Жидас Даскаловски и Васко Наумовски, за тоа што би значело за земјава, доколку овој предлог се формализира, и дали оваа идеја е изводлива земајќи го предвид консензусот во ЕУ. МИА ги праша аналитичарите за тоа и доколку овој предлог се стави на маса, дали за Македонија би останал условот уставни измени.

Тие се согласни дека идејата за Европа во две брзини не е нова, и оти таа произлегува од потребата ЕУ да реагира брзо на геополитичките околности. Но, сметаат, за да се случи тоа, потребно е менување на Договорот на Унијата. Велат дека доколку оваа нова привремена форма на интеграција го опфаќа влезот на Македонија во единствениот пазар тогаш таа понуда треба да се зграпчи, да се прифати без размислување и Скопје да се стави во групата предводници во реализацијата на ова решение.

Според нив, сепак, клучното прашање не е толку формата на членство, туку политичката логика на условувањето, односно земјава, дури и во модел на фазно членство, би продолжила да биде под притисок да ги исполни обврските што веќе ги има прифатено.

Исто така, идејата за ограничување на правото на глас, меѓу другото, се должи и на стравот на ЕУ дека балканските држави би се блокирале меѓусебно во различни области, како и на можните туѓи влијанија во надворешната политика на некои од државите во регионот, што би го загрозило консензусот во Заедничката европска надворешна и безбедносна политика.

Инаку, предлогот новите земји да се приклучат кон Европската Унија без полноправно право на глас, провејува низ бриселските кругови уште од октомври, минатата година. Тогаш бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на тројца европски дипломати и еден функционер на ЕУ, објави дека предлогот за промена на правилата за членство во ЕУ е во рана фаза и би требало да биде одобрен од сите земји-членки. Како што објави тогаш порталот, идејата е новите членки да добијат целосни права откако ЕУ ќе го преиспита начинот на кој функционира, за да им биде потешко на поединечните земји да ставаат вето на политиките.

Амбасадорот  и поранешен заменик премиер за европски прашања Ивица Боцевски, смета дека клучот за остварување на најавениот предлог лежи во постигнувањето мировен договор за завршување на руската инвазија врз Украина. Тој потсети дека според сите наводи кои што излегуваат во медиумите, доколку се постигне мир во Украина тогаш составен дел на договорот ќе биде забрзан пат на Киев кон полноправно членство во Европската Унија, (Руската Федерација веќе најави дека не се противи на украинско членство во ЕУ). 

-Во услови на разбранувана геополитичка реалност во светот, а посебно по кризата во Гренланд која што уште не е целосно завршена, клучните земји на Европската Унија секако дека нема да ја пропуштат шансата која што мировниот договор за Украина би ја отворил за целосно безбедносно, политичко и економско заокружување на геостратегискиот простор на ЕУ. Со други зборови, Скопје и сите главни градови на Западниот Балкан треба будно да следат што ќе ѝ биде понудено на Украина затоа што тоа ќе биде понудата и за овој регион, како и за Молдавија, вели Боцевски за МИА.

Според него, доколку оваа нова привремена форма на интеграција го опфаќа влезот на Македонија во единствениот пазар тогаш таа понуда треба да се зграпчи, да се прифати без размислување и Скопје да се стави во групата предводници во реализацијата на ова решение. 

-Единствениот пазар е самата суштина на европската интеграција и влезот на Македонија во европскиот економски простор го исцрпува сето тоа што ни е потребно како држава во економскиот, но и во граѓанскиот аспект затоа што во тој случај веднаш ќе ни бидат овозможени посакуваните четири слободи за движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Влезот во единствениот пазар е „светиот грал“ на европската интеграција. Се разбира, значајна точка е земјата да биде опфатена и со пристап кон европските развојни фондови, оценува Боцевски.

Тој е уверен дека не треба да имаме никакви дилеми дека по влезот во единствениот пазар многу брзо ќе дојде на дневниот ред и полноправното членство во ЕУ затоа што не е одржлив статусот на влез во пазарот без политичкиот дел од интеграцијата. Меѓутоа, додава тој, со самиот влез во пазарот дури и најскептичните гласови во политиката за земјите-членки на Унијата ќе увидат дека на просторот на Западниот Балкан живеат Европејци кои со ништо не го загрозуваат европскиот проект, а и дека ЕУ само добива со целосната интеграција на овој простор.

Во врска со прашањето за уставните измени, Боцевски смета дека пред македонската дипломатија претстои значајна битка и дека „Македонија треба да се согласи на условени уставни измени кои што ќе стапат во сила токму во моментот кога земјата ќе има статус на полноправна земја-членка на ЕУ, како и на целиот круг на европската интеграција, која што покрај членството го опфаќа и влезот во Шенген, воведувањето на еврото и зачленувањето и во ОЕЦД со што се заокружува целосната западна интеграција“.

– Доколку на масата стои нов пропаганден трик или бомбастични најави без содржина, како што беше дијалогот на високо ниво (HLAD) најавен од некогашниот еврокомесар Штефан Филе, тогаш таквиот нечесен предлог треба да се одбие со индигнација затоа што повторно ја става земјата (но, и целиот Западен Балкан) на „патот кон никаде“. Но, доколку на масата стои предлог кој што опфаќа влез, односно итна интеграција, на Македонија во единствениот пазар, со јасни датуми, рокови и патоказ за негово остварување, тогаш тоа треба ентузијастично да се прифати, заклучува Боцевски.

Професорот Жидас Даскаловски потсетува дека идејата за „ЕУ во две брзини“ не е нова во европската политичка мисла и оти таа се провлекува уште од дебатите по Договорот од Мастрихт, а особено по Брегзит и кризата со еврозоната. 

Тој во изјавата за МИА вели дека можноста државите-кандидати да влезат во Унијата во некоја форма на делумно или фазно членство без веднаш да добијат право на глас, произлегува од потребата ЕУ да реагира брзо на геополитичките околности. 

-Дали е тоа изводливо? Формално, во основачките договори на Унијата не постои таков статус. Значи, за да се случи, потребно е или менување на договорите, или измислување на sui generis решение. А двете бараат едногласност. Тука е проблемот — онаа иста едногласност која денес ни е пречка, ќе ни биде пречка и утре. Унгарија, па и Бугарија, имаат полна моќ да го блокираат и овој формат, ако сакаат. Сепак, кога политичката волја на Брисел е доволно силна ЕУ знае да најде правни решенија. Она што е важно е дека секој ваков аранжман мора да биде поврзан со јасна, временски определена патека кон полноправно членство, вели Даскаловски.

За Македонија, додава тој, клучното прашање не е толку формата на членство, туку политичката логика на условувањето. 

-Нашата земја, дури и во модел на фазно членство, би продолжила да биде под притисок да ги исполни обврските што веќе ги има прифатено. Доколку се отвори модел на постепено или слоевито членство, реално е да се очекува дека условот за уставни измени ќе остане. ЕУ ретко ги релативизира веќе поставените критериуми, особено кога тие се дел од формално усвоена преговарачка рамка. Реалноста е дека во сите варијанти, Бугарија ќе инсистира на уставните измени — и тоа не поради технички причини, туку поради суверен политички интерес. Видовме дека доскорешниот бугарски претседател Радев, само пред неколку дена, јавно повтори дека условот останува. Европската комисија, пак, не е во позиција да ги заобиколи барањата на земјите членки, рече Даскаловски. 

Според него, значи, дури и ако се формализира „ЕУ во две брзини”, за Македонија тоа не автоматски значи дека вратата е отворена. 

-Условеноста веројатно е дека ќе остане — освен ако не дојде до фундаментална промена на позицијата на Бугарија, или ако во новиот меѓународен контекст не се создаде политички притисок врз Софија. Мојата проценка е да не се надеваме на таква разврска. Потребно е да се обидеме да комуницираме со Бугарија, и да потегнеме иницијатива во врска со т.н. протоколи од билатералните седници на владите на Скопје и Софија кои се поголем проблем од уставните измени, за кои пак веќе има неколку предлози и трудови како би можеле да ги спроведеме со условно спроведување сврзано со напредокот во евроинтеграциите, вели Даскаловски за МИА.

Тој оценува дека ако земјава не успее да биде ставена во брзата лента, а Украина, Црна Гора и Албанија влезат во ЕУ па макар и со членство од втора класа — Македонија останува сама, изолирана, и со многу поголем притисок за уставни измени. 

-Тоа би бил геополитички и историски неуспех. Доколку ЕУ направи реформи што го ограничуваат правото на вето, можностите за блокада од поединечни држави би се намалиле. Тоа би ја олеснило позицијата на Македонија, но тоа е сценарио со долг временски хоризонт. Заклучно, Македонија мора да продолжи со реформите, да најде начин да го реши Бугарскиот проблем за да не остане на маргините ако Унијата навистина го формализира моделот на „фазно членство“, заклучува Даскаловски.

Амбасадорот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски се согласува дека идејата за две брзини е одамна позната во теоријата, и можат да се забележат одредени форми во кои постоеле различен степен на интеграција на државите-членки, како на пример Шенген-зоната, заедничката европска валута, и слично. Сепак, тој смета дека членство на држава која не би имала право на глас во Советот на ЕУ досега не е позната варијанта и оценува дека европската бирократија е инвентивна во повеќе области, и оваа идеја е еден обид за надминување на статус-квото во проширувањето. 

-Доколку формално се предложи, ќе биде потребен целосен консензус од сите членки за нејзино усвојување, што засега не е случај. Овој концепт е дел од напорите за забрзано вклучување на Украина во Унијата, а доколку тоа се случи без истовремен прием на државите од Западниот Балкан  ќе предизвика дополнително намалување на кредибилитетот на ЕУ во регионот, знаејќи дека Украина е далеку од исполнување на критериумите за членство, изјави Наумовски за МИА.

Евентуалното прифаќање на оваа идеја, според него, би значело прием на Македонија како членка со привремено ограничени овластувања, со цел државата да ги заврши потребните реформи во еден своевиден транзиционен период. Тој потсетува дека и во изминатите циклуси на проширување постоеле преодни периоди за интеграција во некои области, како на пример 7-годишната транзиција за слободното движење на работници од новите членки во најголем дел од тогаш постоечките членки при проширувањето со државите од централна и источна Европа во 2004/07 година.

-Идејата за ограничување на правото на глас, меѓу другото, се должи и на стравот на ЕУ дека балканските држави би се блокирале меѓусебно во различни области, како и на можните туѓи влијанија во надворешната политика на некои од државите во регионот, што би го загрозило консензусот во Заедничката европска надворешна и безбедносна политика, вели Наумовски. 

Иако ограниченото право на глас, според него, значи дека новите членки фактички нема да ги уживаат сите права, како позитивен аспект може да се смета нивното де-факто забрзано зачленување, со што се оневозможуваат натамошни условувања од другите членки.

-Целосната анализа на придобивките и загубите од оваа идеја би била можна откако ќе стане познато дали воопшто е можна нејзина имплементација, како и деталите поврзани со застапеноста во институциите, времетраењето на ограничувањата, како и правните формулации во измените на основачките договори, заклучува Наумовски за МИА.

Фото: Република

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk