Изградбата на автопатот Прилеп–Битола се одвива според предвидената динамика, а првите километри од новата делница се очекува да бидат пуштени во употреба веќе следната пролет, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила.
Тој истакна дека градежните работи напредуваат со одлично темпо и оти роковите ќе бидат испочитувани.
„Динамиката на изградбата на автопатот Прилеп–Битола е одлична, работиме со одлично темпо и роковите ќе бидат запазени. Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на овој потег, што многу ќе значи за движењето, за економијата и за поврзувањето не само на Прилеп и Битола, туку и на општините Могила и Новаци, како и на Ресен и Демир Хисар“, изјави Николоски.
Според него, новата автопатска делница ќе овозможи побрз и побезбеден сообраќај, подобра регионална поврзаност и дополнителен поттик за економскиот развој на Пелагонија.
„Тоа многу ќе значи за заживувањето на целиот овој регион и за поттикот на економијата, имајќи предвид дека значаен дел од економијата е токму во Пелагонискиот регион“, додаде министерот.
Автопатот Прилеп–Битола е еден од најзначајните инфраструктурни проекти во земјата и се очекува значително да го подобри патното поврзување во југозападниот дел од Македонија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата