Не смее да има тивок обид на затворање на постапката за набавката на мазутот за ТЕЦ Неготино, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој посочи дека акцијата за овој случај спроведена лани била во координација и по насоки на Обвинителството и не верува дека тогаш имало докази, а сега постапката се затвора поради недостиг на докази.
– Јас сум шокиран и разочаран од одлуката на Обвинителството за гонење организиран кримиинал и корупција, исто како што е шокирана целата македонска јавност. Во никој случај не смее да има тивок обид на затворање на една ваква постапка од страна на Обвинителството. Ова е огромно разочарување особено за целиот тим на МВР кој работеше на случајот – рече министерот Тошковски во интервју за Канал 5.
Додаде дека конечно е дојдено време ваков потенцијален криминал каков што е направен во овој случај да не биде затворен со плитко спроведени постапка.
– По информациите што ги имам добиено од луѓе кои се дел од овој процес не сметам дека е постапено максимално професионално и во насока на утврдување на правилната фактична состојба со цел да се разоткрие она што е правено. Ни оддалку не сметам дека е доловена фактичната состојба – рече Тошковски.
Според Тошковски, овој случај сè уште не е затворен.
– Ќе види јавноста во следниот период што точно сум сакал да поентирам од аспект на фактична состојба којашто МВР неспорно ја има утврдено изминатиот период, во насока на остварување на право и правда – порача Тошковски.
Сигурен сум дека Мицкоски никогаш не би влегувал во незаконски комункации, ниту би влијаел врз одлуки на обвинители
Во врска со телефонскиот разговор на премиерот Христијан Мицкоски со државниот јавен обвинител Ненад Савески за овој случај, за што опозициската СДСМ обвини дека „премиерот и обвинителот се договарале по телефон за предмети и тек на истрага“, министерот Тошковски истакна дека премиерот никогаш не би влегувал во какви било незаконски комуникации или пак би влијаел врз некој обвинител за да постапува на одреден начин.
– Познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли, пак, во насока да влијае на кој било обвинител, конкретно дали треба да постапува вака, така или не знам како. Никогаш тоа не би го сторил нашиот премиер. Така што, не верувам дека е направена каква било конкретна неправилност при која било дејност што ја презел во насока на комуникација со јавниот обвинител. Претпоставувам дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност, како прв човек на Владата, претставник на македонските граѓани. Навистина не гледам ништо спорно во тоа – рече Тошкоски.
Тој додаде дека има механизми во системот доколку се увиди дека има некакво нарушување на принципите на работа во Обвинителството, а како пример ја посочи супензијата на поранешната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Рускоска што ја изврши поранешниот државен обвинител Љубомир Јовески.
– Ќе видиме како ќе се развива таа работа – нагласи Тошкоски.
Тој истакна дека во државата нема заштитени и недопирливи, без разлика од каде доаѓаат, од власта или опозицијата.
– Дури и кога станувало збор за структури, да речеме, и луѓе кои се блиски до владејачката гарнитура. Напротив, мислам дека премиерот сака да покаже пример дека конечно времето на селективноста, неказнивоста и на прогледувањето низ прсти на своите е завршено. И мислам дека со сите оние постапки што ги спроведовме во изминатиот период, токму тоа и го покажавме. Без оглед дали некој е близок функционер, без оглед дали е некој во рамки на одредена организациска единица блиска до некого, без оглед дали е директор кој доаѓа од редовите на владејачката коалиција или, пак, менаџер на одредена институција, мислам дека покажавме апсолутна неселективност. Нема заштитени. Не од страна на работењето на Министерството за внатрешни работи. Поради тоа и анкетите на граѓаните, кои ја оценуваат борбата против корупцијата на МВР се многу поразлични отколку кога говориме, на пример, за Јавното обвинителство – рече Тошкоски.
На прашањето за повикувањето на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски и уште две лица на службен разговор во СВР Скопје, по кривична пријава од Министерството за земјоделство за злоупотреба на службената положба, Тошкоски истакна дека не сака да навлегува во детали за случаи кои се во предистрага.
– Не би сакал, како и во сите останати предмети, особено во рамки на предистрага, да навлегувам во детали за случаите. Да им оставиме на институциите да си ја сработат работата. Но, не би се согласил дека исклучиво само функционери од претходната власт се предмет на кривичен прогон. Особено не оние што ги рекетираат македонските граѓани. И како што покажавме во изминатиот период, и постојни судии, и директори на здравствени институции, на земјоделски институции, на какви било институции во државата, може да бидат предмет на кривичен прогон, особено, пак ќе повторам, доколку рекетираат во име на македонските граѓани – рече тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата