Полицијата моментално ги повикува во станица на распит сите осомничени во врска со настанот каде девојче во Аеродром беше брутално тепано со шлаканици, кубено за коса, понижувано и натерано да клекне на колена и да ѝ се извини на врсничка, велат од извори во МВР. Се повикуваат и десетината момчиња што навиваат на видеото и снимаат со мобилни телефони.
- СВР Скопје презема мерки по допрен глас за утврдување на идентитетот на лицата и за целосно расчистување на случајот. Се повикуваат сите осомничени во врска со предметниот настан, а веќе е извршен разговор со жртвата во присуство на родител и известен е јавен обвинител, велат од МВР.
Девојче од седмо одделение во скопската населба Аеродром завчера вечерта е тепано со шлаканици, кубено за коса, навредувано, понижувано и натерано да клекне на колена и да ѝ се извини на врсничка, додека целиот грозен чин го снимаат десетина машки малолетници со мобилни телефони и навиваат.
Две посебни видеа од овој вознемирувачки чин на меѓуврсничко насилство и булинг, со бројни елементи на кривично дело пристигнаа утринава и на нив се гледаат лицата на сите инволвирани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата