Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во Министерството за економија и труд наскоро ќе се одржи состанок со трговците, откако е завршена анализата на цените и маржите за околу 600 до 700 производи.
Одговарајќи на новинарско прашање при увидот во градежните активности за реконструкција на СОУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, најави дека во најкус можен рок ќе бидат преземени соодветни мерки доколку се утврдат неоправдани зголемувања на маржите.
„Очекуваме во најкраток период оние кои ги имаат зголемено маржите во однос на истиот период минатата година за два до пет отсто, односно над постојните бруто профитни маржи од околу 10 отсто, да бидат предупредени“, рече тој.
Посочи дека Владата е охрабрена од последните податоци за инфлацијата, која во јуни изнесувала 3,4 отсто, оценувајќи дека станува збор за најниско ниво во регионот.

Според него, кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 2,5 отсто, додека кај облеката и обувките 2,1 отсто. Како главни фактори за раст на цените ги посочи тутунот и тутунските производи, алкохолот и транспортот, поради зголемените трошоци на транспортните компании и туроператорите.
Оцени дека овие показатели се позитивни во услови на глобална економска неизвесност и потсети дека во јуни 2022 година, по почетокот на војната во Украина, инфлацијата достигнала ниво од 14 до 15 отсто.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата