Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати остри критики кон новата програмска понуда на СДСМ и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.
„Да не беше смешно, ќе беше трагично. Филипче по насока на ПР шефот Башановиќ спремил програма на СДС, како да не беа до пред 2 години на власт“, изјави Манасиевски.
Тој посочи дека, според него, креаторите на кампањата ги игнорираат резултатите од претходното владеење на СДСМ.
„Башановиќ очигледно не знае дека СДС до пред околу 2 години, 7 години беа на власт. Од тие 7 години власт, Филипче беше 5 години министер. По што остана запаметен сите знаеме“, рече Манасиевски.
Во своето обраќање, Манасиевски ја оцени програмата како „празен концепт“, додавајќи дека Филипче „без никаков срам, легитимитет и кредибилитет ја презентира новата програма на СДС“.
Посебен осврт направи на предлогот за скратена работна недела.
„Една од мерките во програмата без суштина во СДС се вика – скратена работна недела“, изјави тој, додавајќи дека мерката, според него, е инспирирана од поранешниот премиер Зоран Заев.
„Башановиќ, Шчекиќ и Филипче, веројатно по насока на Заев ја спремиле мерката за скратена работна недела, по принципот на Зоран Заев, бидејќи тој како премиер во недела не работеше. И сабота не работеше. И петок. Додуша тој цела недела не работеше како премиер“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според него, предложените политики не се нови, туку веќе видени за време на нивното владеење.
Во завршницата, Манасиевски упати порака до СДСМ:
„На Македонија после вашето уништување на државата ѝ треба работа, труд и посветеност. И треба тоа што се случува денес – реформи, проекти и мерки за граѓаните. А не празни флоскули и демагогии од ваша страна“, истакна тој, додавајќи дека, според него, „сите почнаа да бегаат од вас, а останаа само лојалистите на Заев“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата