Премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон дел од судиите и обвинителите по повод писмото од Судот во Стразбур за случајот „Тенк“, обвинувајќи ги дека се партиски инсталирани и дека работат против интересите на граѓаните.
Коментирајќи ја информацијата дека Судот за човекови права во Стразбур имал забелешки на процесот и начинот на судење во случајот „Тенк“ (против Гордана Јанкулоска), Мицкоски изјави дека тоа е потврда за „заробеното судство“ од претходната власт. „Тоа се овие судии на кои им е мала платата, сакаат двојно, тројно поголема. Партиски октроирани и заробени од страна на претходната влада“, рече тој.
Мицкоски: „Судијката од ‘Тенк’ сега ги напаѓа пензионерите“
Премиерот директно посочи кон судијката што го водела предметот „Тенк“ (без да ја именува, иако контекстот упатува на Кацарска, која сега е во Уставен суд), тврдејќи дека таа денес се обидува да го оспори линеарното зголемување на пензиите. „Видете кој го водеше овој случај ‘Тенк’ и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија денес да ги атакува пензионерите, сака тоа право да им го одземе“, нагласи Мицкоски.
„Црвенееме пред Стразбур“
Мицкоски додаде дека поради ваквите судии државата мора да се срами пред меѓународните институции. Тој повтори дека се потребни суштински реформи во правосудството, а не зголемување на платите за судии кои, според него, не ја заслужуваат ниту сегашната плата, која е драстично поголема од просечната.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата