Лето е, нема којзнае што да се пишува. Ако зборуваме за колумна, секако. Кај човекот се намалуваат капацитетите за прифаќање на влијанието од надворешни дразби. Консументот останува консумент, ама своите зависности ги насочува кон туристички дестинации. Кај јавноста, страста за голтање информации, потребата да морализира од позиција на безгрешност и желбата да линчува, оти сто стапа по туѓ грб не болат, се заменуваат со исклучителна потреба од презентација на разголена летна себепромоција и ѕиркање на туѓите селфија за вршење споредба во однос на истата ситуација.
Не се коментира многу, особено не цинично и зајадливо, бидејќи и твојот блесав обид да изгледаш како Шарлиз Терон или Дејвид Бекам на плажа, може да биде искоментиран со идентична жестина.
И со политиката е исто, сеедно дали си политичар, припадник на медиумско аналитичката популација или дел од мнозинството, кое се храни со потребата да коментира од позиција на врвни експерти за сенешто. Не дека политичките лудории низ планетата не си ја тераат својата безумна приказна, само интересот на публиката драстично се намалува.
Остануваат малкумина упорни што инсистираат да го „препливаат“ Ормускиот Теснец, бидејќи, одеднаш, многу поатрактивно е да се шлапка во тиркизните води на Каламици и другите геостратешки точки на вториот крак од Халкидики. И количеството пролеани тастатура-солзи за пеколот во Газа, сериозно се намалува, како сета тага наменета за излевање на социјалните мрежи наеднаш да испарува, остануваат само оние вистински посветените миротворци, оти сместувањето на сопствената удобност во лежалка среде плажите на егзотиката станува сечија главна преокупација.
Купјанск и Покровск можат да почекаат, сега се кројат сериозни стратегии како да се освојат Трпејца, Фурка и капацитетите низ Далмација. Политичките акробации на Трамп и брендираната омраза кон Путин ја губат атрактивноста за сметка на понудите што доаѓаат од Кушадаси до Мајорка и подалечната туристичка околина.
И за нордистанската политичка стварност, иста е приказната. Сеедно што Мицкоски и Филипче се потат над сопствената политичка нарација, првиот додека си ја реконструира Владата и се мачи да ја донесе дијаспората во една изборна единица, а вториот во обид да ја реинкарнира санстефанска Бугарија, ама залудно, просечниот нордистанец се прешалта на летна вибрација, спремен е до последна капка пот да се исцеди чекајќи на граничните премини кон државата на која со политичко предавство ѝ дадовме да ни ја украде историјата.
ДУИ сака да протестира, албанскиот нордистанец накај Саранда пенетрира. Она шуто и рогато од интелектуалната бижутерија на граѓанството луѓенца е крајно небитно во каква агрегатна состојба се наоѓа, никому не му е гајле за нивната несреќа што одморот мора сами да си го платат, а не преку некој грант за „револуција“ во најава.
Вистина, лето е, нема што многу да се пишува. Или можеби има, само јас сум малку излезен од форма, немам доволно непознати за решавање што ќе ги сместам во зборовна формула. Два и два се пет, така ми се чини неделава што заминува.
Со неа ќе заврши фудбалската магија затворена во 104 натпревари, остана уште јаготката на шлагот да се стави в недела. Шпанија и Аргентина ќе ја завршат приказната, која секако беше уживање да се гледа, иако имаше неколку крајно глупи и непотребни скандали на кои не им беше тука место, ама ете, ја прекинуваа радоста. На пример онаа со Балагун и црвениот картон што му го поништија.
Како и да е, сега сум постар за уште едно Светско првенство. Фудбалот за мене и понатаму ќе остане највкусната храна, по уметноста. И да, морам да кажам, многу се досадни сите оние што фудбалот и навивањето смртно сериозно го доживуваат преку политички светогледи. Зарем стварно мислат дека некој што вистински љуби фудбал, го заболе и уво и возбуда, нечие доживување на најважната споредна работа на светот низ призмата на политиката? Истото важи и за оние што за време на секој голем фудбалски настан, инсистираат да ни објаснат како овој спорт бил масонска, сатанска, марсовска и гремлинска измислица или средство за манипулација на масите.
Зошто, побогу само на масите? Тоа отсекогаш ме чудело и збунувало, зошто некој би сакал да има контрола над масите, а не и над табуретките? Или регалите? А? Јас на пример, откако знам за себе сакам да имам контрола над полиците за книги, работните бироа и пепелниците. Дали ако еднаш на ден им пуштам фудбал измислен за манипулација на масите, ќе можам да стекнам поголемо влијание над делот од ентериерот кој е предмет на моето внимание?
Имам јас и многу други дилеми што ме измачуваат, ама не сум сигурен дали сакам на тие теми да ви досаѓам, особено одовде, од еден камп за малкумина, скриен среде дивина каде езерото ми е на дофат од раката.
Не ми завидувајте! Јас, за разлика од вас, доколку се истопорам на селфи, разголен во поза за себепромоција, секако не сум пријатна глетка што некого од јавноста, секогаш гладна за туѓа телесна интима, би го заинтересирала или, скраја да е, возбудила. Иако, секако би знаел да срочам некоја мудра мисла над сите тие силни селфија, оти нели, селфи без мудрост не бидува. А-ха, Ошо и Коелјо можат да ми позавидат. Што? Не ми верувате? Ајде тогаш да ве демантирам. Следниот пасус е ода за мојата генијалност кога е во прашање селфи-мудроста.
Јас на плажа, четврти крак на фантазијата среде државата на која ѝ ја шитнавме историјата,, истопорен на лежалка – варијација на тема: морж во „спидо-купаќа“ – обид да изгледам секси како Брендон Фрејзер во филмот „Китот“, а над селфито, трепка мудроста: „Животот е како пржени лепчиња, најдобро се консумира со овчо сирење и скопски јабучар“.
А? Што има да кажете на ова? Роден сум да бидам инфлуенсер на цела популација, од тик-ток генерација до првиот пензиски столб, вообичаено шокиран од промените на цивилизацијата. Или слика број 2.
Јас среде некоја атрактивна туристичка дестинација, зад мене напучените усни на морето над кое позира небото дотерано во зајдисонце, до мене стои сексапилната разголена совршеност на онаа што тука минуваше, а јас ја замолив да се фотографираме, облечен сум во тесни панталони „до над глужд“ и хипстерска пунџа на главата и конечно, над ова совршено селфи за предизвикување завист кај јавноста, следува мудроста: „Ако не научите да живеете со полна плуќа, тогаш наликувате на празна кредитна картичка, затоа зграпчете ги денот, ноќта, викендот и цицката на вселената и бидете најдобрата своја верзија на туѓа успешна приказна, а само небото да ви биде граничен премин – пат кон совршената димензија каде се прават најдобрите селфија“.
Александар Русјаков
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата