Жителите на Добрашинци се револтирани и најавуваат поднесување кривични пријави доколку надлежните итно не најдат решение за проблемот со долготрајниот пожар на депонијата Шапкар. Веќе скоро цела седмица депонијата, каде што отпадот го оставаат три општини – Струмица, Босилово и Василево – не може да се стави под контрола. Селото е затрупано во дим и непријатна миризба, а депонијата се наоѓа на само неколку стотици метри од нивните домови.
Моментално сме решени тоа да го направиме. Ќе најдеме активисти, или ако не бива сами, нека не штити законот. Ќе поднесеме кривична пријава за загрозување на животот и здравјето на луѓето во селото, најверојатно има некоја таква солуција во законот.
Луѓето од Добрашинци ја сметаат за неприфатлива незаинтересираноста на институциите кои, како што велат, се обидуваат да избегнат одговорност, иако депонијата е создадена токму од трите општини низ изминатите децении.
Кој е крив, кој е прав, тие нека кажат, ние нема ништо да зборуваме. Ќе го тужиме директорот на Комуналец Струмица, градоначалникот на Струмица и градоначалникот на Општина Василево, бидејќи тие еден на друг си ја префрлаат топката кој е крив. Ние не знаеме, па нека си решат. А ова нема да го трпиме веќе.
Пожарот ја зафатил целата површина од околу 12 хектари на депонијата. Од комуналното претпријатие во Струмица појаснуваат дека потеклото на пожарот и натаму е нејасно, а и покрај ангажманот со земја, два булдожера, багер и секојдневната пожарникарска интервенција, тешко може да се справат со пожарот поради слоевите отпад под кои се собира метан што полесно се пали при допир со кислород.
Прашањето кој треба да ја сноси одговорноста за депонијата станува се поактуелно, бидејќи сите три општини тврдат дека немаат надлежност. Депонијата се наоѓа на територија на Општина Василево, земјиштето е државно, управувањето е во рацете на струмичкиот Комуналец, а отпад фрлаат сите три околни општини.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата