logo
logo
logo

Еврокомесарката Кос не дава гаранции, А СЕ НАДЕВА НА ДОГОВОР МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА

Vecer | 17.04.2025

Еврокомесарката Кос не дава гаранции, А СЕ НАДЕВА НА ДОГОВОР МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И  БУГАРИЈА

Знаеме дека Бугарија и Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Геополитиката во последните години се промени не само поради Украина, туку и поради САД. Денес треба да дејствуваме побрзо, да го разбиеме размислувањето и да го забрзаме процесот на проширување“, изјави Кос, која е во посета на Бугарија.

Според неа, за првпат во историјата на проширувањето, Европската Унија се соочува со надворешни сили кои посакуваат нејзин неуспех. Таа нагласи дека проширувањето е приоритет и дека тоа е најважно за Унијата, посочувајќи на земјите од Западен Балкан.

„Западен Балкан е во поинаква ситуација од Украина. Досега имаме два фаворита – Црна Гора и Албанија. Деновиве ќе отвориме ново поглавје со Албанија. Ако продолжиме вака, би можеле да ги завршиме преговорите со Црна Гора во 2026 година, а со Албанија во 2027 година. Би сакале што поскоро да се отворат преговорите со Република Северна Македонија. Знаеме дека Бугарија и Северна Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство“, рече Кос за БНТ.

Еврокомесарката изрази надеж дека и Србија ќе се врати на својот европски пат, а Босна и Херцеговина, каде, како што рече, има политичка криза, се надева дека ќе ги започне преговорите оваа година.

„Земјите од Западен Балкан имаат свои специфики. Бугарија го познава регионот и добро е да го поддржи процесот на негова интеграција. Цврсто верувам дека можеме да научиме добри лекции од минатото“, заклучи Кос.

Еврокомесарката претходно кажа дека нема гаранции за Македонија дека по уставните измени нема да има нови пречки на патот кон ЕУ.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk