Додека пораката од ЕУ и сите претставници на унијата и на другите земји членки, е дека никој не може да гарантира дека Бугарија ќе запре со барања со промената на Уставот, министерот за надворешни работи Бујар Османи уверува дека Бугарија не може да додаде услови во преговарачката рамка, бидејќи, како што рече, „никој не може да преговара преговарачка рамка“.
-Јас гарантирам дека Бугарија нема да може да додаде ниту едно друго барање од тоа што е во преговарачката рамка, рече Османи за Телма.
Според него ова е декадата на членството на Западен Балкан, односно одредени земји меѓу кои и Македонија во Европската унија. Ж- Тоа значи плус, минус флексибилност во зависност од внатрешни динамики, регионални и геополитички, изјави тој.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на ДУИ Али Ахмети дека Македонија ќе стане членка во ЕУ за три-четири години, Османи порача дека државите кандидати би ги имале сите привилегии од членството во ЕУ и пред самото членство, а новиот пристап и забрзаната трака, според него, дава солидна основа на тоа што Ахмети го кажува.
-Мислам дека господинот Ахмети има одлично разбирање за геополитичкиот контекст и регионалните динамики, оттука неговите прогнози треба сериозно да се земат предвид, порача Османи.
Во однос на предлог-уставните амандмани, Османи истакна дека овој предлог на уставни измени покажа дека на најдобар начин се штитат нашите позиции во однос на односот на малцинската бугарска заедница во земјава во однос на останатите заедници.
-Формално се дефинира кој е кој, што е што, имаме мнозински македонски народ и имаме делови од други народи кои живеат овде во подеднакви услови, вклучувајќи ја и бугарската заедница, посочи Османи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата