Премиерот Христијан Мицкоски, денеска во рамки на 62. Минхенска безбедносна конференција, оствари средба со раководството унгарската телекомуникациска компанија 4iG која е сопственик на македоснкиот трет мобилен оператор Оне Македонија.
Мицкоски во пост на Фејсбук информира дека тема на разговор бил пакет од 100 милиони евра инвестиции во неколку сфери во земјава.
„Во Минхен остварив средба со раководството на 4IG. Разговаравме за пакет од 100 милиони евра инвестиции, освен во телефонијата и во сферата на вештачката интелигенција и енергетиката. Македонија мора да ја развиваме. Се бориме за секоја шанса за подобра иднина за граѓаните!“, напиша Мицкоски на „Фејсбук“.
Претходно, премиерот оствари работна средба со менаџментот на германскиот гигант „Шварц груп“, под кого работат светски познатите брендови „Лидл“ и „Кауфланд“.
Како што објави премиерот, разговарале за нивните планови за инвестиции, отворање нови работни места и модернизација на трговскиот сектор во нашата земја.
Премиерот Мицкоски од денеска престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Мицкоски е придружуван од министрите за одбрана, Владо Мисајловски, за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и за внатрешни работи, Панче Тошковски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата