logo
logo
logo

Кривична за Костадин Костадинов и уште 4 лица

ПОТПИШАЛЕ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НЕПОСТОЕЧКИ ОБЈЕКТ, А БЕСПРАВНО ИЗГРАДИЛ НА МЕСТО КАЈ ШТО НЕ Е ПРЕДВИДЕНО

Vecer | 01.05.2026

ПОТПИШАЛЕ РЕКОНСТРУКЦИЈА НА НЕПОСТОЕЧКИ ОБЈЕКТ, А БЕСПРАВНО ИЗГРАДИЛ НА МЕСТО КАЈ ШТО НЕ Е ПРЕДВИДЕНО

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против К.К.(36), С.Р.(38), М.Т.(42), С.О.(61) и Ѓ.М.(54), сите од Струмица, поради основано сомневање дека К.К., С.Р. и С.О. сториле кривичното дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в, М.Т. го сторила кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353, а Ѓ.М. сторил кривично дело „бесправно градење“ по член 244-а од Кривичниот законик.

Пријавената М.Т. во време на сторување на делото вработена како советник – урбанистички аналитичар во Сектор за урбанизам комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица, ги пречекорила границите на своите службени овластувања така што постапувајќи спротивно од одредбите на Законот за градење и ограничувањето на деталниот урбанистички план според кој на конкретната локација воопшто не бил предвидена градба, изготвила одобрение за реконструкција. Ваквото нешто воопшто не можело да се смета за реконструкција од причина што предвидените градежни дејствија всушност претставувале нова градба. Истото било евидентно и во самиот основен проект доставен од подносителот во постапката, која постапка наместо да се води како постапка за реконструкција, истата имала елементи на спроведена и одобрена постапка за изградба на нов објект.

Пријавената С.Р. во време на сторување на кривичното дело - раководител на Сектор за урбанизам комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица постапила несовесно при вршењето на своите службени овластувања, пропуштила должен надзор во целата постапка и го одобрила предметното одобрение за реконструкција иако знаела, односно морала да знае дека не се работи за реконструкција туку за изградба на сосема нов објект на место каде што согласно деталниот урбанистички план не е предвидена изградба на објект.

Првопријавениот К.К. во време на сторување на делото- градоначалник на Општина Струмица исто така постапил несовесно при вршењето на своите службени овластувања, пропуштил должен надзор во постапката и притоа го потпишал изготвеното одобрение за реконструкција.

Пријавениот Ѓ.М. без да чека правосилно завршување на постапката по предметното барање за реконструкција, започнал со градба на сопствена одговорност и ризик, при што под изговорот за реконструкција на постоечки објект на парцела каде согласно ДУП не е предвидена градба изградил нов објект од втора категорија.

Пријавената С.О. во време на сторување на кривичното дело во својство на овластен градежен инспектор при Општина Струмица во постапката која ја водела против Ѓ.М. наместо да констатира дека се работи за бесправно градење на градба од втора категорија, односно наместо да констатира кривично дело кое се гони по службена должност, таа констатирала дека се работи за прекршок од Законот за градење, иако согласно документите кои ги извела како доказ во постапката на инспекцискиот надзор можела и морала да знае дека не се работи за реконструкција на постоечки објект туку всушност се работи за изградба на сосема нов објект.

Објекти од втора категорија се градби од локално значење за кои одобрение за градење издава градоначалникот на општината. Овие градби вклучуваат објекти за домување, социјална заштита, образование, култура, трговија, угостителство и слични намени со помал капацитет (обично до 3 ката или вкупна површина со утврдени граници).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk