Сите средни училишта во Скопје ќе добијат фотоволтаици, напиша на Фејсбук градоначалникот на Скопје по денешната седница на Советот на радот. Според Орце Ѓорѓиевски, ова е сериозна мерка која ќе значи намалување на трошоците за струја за повеќе од 30%.
„На денешната седница на Советот на градот Скопје, го потврдив она што го ветив во мојата кампања, дека започнуваме со целосна енергетска трансформација на образовните институции. Секое средно училиште на територијата на градот ќе добие сопствен фотоволтаичен систем до крајот на мојот мандат.
Токму овој модел успешно го воспоставивме во сите основни училишта во Кисела Вода, а сега го пренесуваме на ниво на цел град. Фотоволтаиците се најчистиот и најисплатлив извор на енергија“, пишува Ѓорѓиевски.
Според градоначалникот, фотоволтаиците обезбедуваат стабилност, намалување на зависноста од традиционални извори и одговорно управување со јавните средства.
„Со оваа инвестиција создадаваме современи училишта кои произведуваат чиста енергија и ги учат младите на вистинските вредности, на одржливост, иновација и грижа за средината. Образованието е темелот на секој напреден град. Тоа е основата врз која се гради просперитетот, иновацијата и иднината“, порачува Ѓорѓиевски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата