logo
logo
logo

ПОЕВТИНОТО ГОРИВО И ХРАНА ГИ НАПОЛНИЈА СТРУГА И ЌАФАСАН

Vecer | 08.04.2026

ПОЕВТИНОТО ГОРИВО И ХРАНА ГИ НАПОЛНИЈА СТРУГА И ЌАФАСАН

Пониските цени на горивата и поевтините прехранбени продукти во земјава ја зголемија фреквенцијата на патници на граничниот премин Ќафасан за време на викендите. Најголем дел од патниците, пред сѐ, од пограничните места во соседна Албанија доаѓаат во Струга на кратки еднодневни посети да наполнат горива и да набават прехранбени намирници. Зголемена фреквенција се очекува и во пресрет на продолжениот Велигденски викенд.

Според податоците на СВР Охрид, на почетокот од овој месец протокот на патници преку Ќафасан бил за 11 проценти поголем во споредба со истиот период лани.

– Во период од 1 до 6 април во Полициската станица за ГП Ќафасан остварен е проток на 40.734 патници, што е за 11 проценти зголемување за истиот период во 2025 година кога на овој премин поминале 36.775 патници. Во првите шест дена од месецот во државата влегле 20.952 патници (18.351 во 2025 година), а излегле 19.782 (18.424) – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Премиерот Христијан Мицкоски, порано неделава, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека имаме стабилни количини гориво и не треба да има никакви стравувања, иако потрошувачката е зголемена на дневна основа поради притисокот на одредени погранични места.

– Од аспект на количини сме стабилни, имаме доволно, тука не треба да имаме никакви стравувања, зголемена е потрошувачката, од 1,5 милион литри на ден на два милиони литри на ден. Имаме притисок на одредени погранични места, ја продолживме и мерката 18 на 10 проценти ДДВ сè со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и на бизнисите – изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што беа пуштени во употреба шест комплетно реновирани операциони сали.

Зголемување на протокот на патници за влез и излез на ГП Ќафасан, според статистиката на полицијата, има и во првите три месеци од годината споредбени со истиот период од лани.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk