Недела е. Повторно ме „фати“ три наутро. Сите спијат, освен тие кои не спијат, а јас ете, се обидувам да мудрувам со по некој ред. Колку да се најде за денеска попладне.
Но, понекогаш не оди. Мозокот врти, работи, ама душата не сака. Слаткото од зелени смокви сум го изел, па крадам од чоколадото на децата кое претходно им го кријам во фрижидерот зад другите нешта за да остане нешто и за мене.
Кардиолозите велат, ова време било најубаво за нешто благо, нели? Имам еден пријател кој своевремено велеше дека ова време е најубаво за да не можеш да се вратиш од кафеана зашто не знаеш на таксистот да му кажеш каде треба да те однесе, а ако случајно и си ја погодиш куќата, не ти бега терасата за преспивање, ама и тој мислам дека одамна фати некоја земја Недојдија, а јас останувам на тоа да им украдам на децата од сокриеното чоколадо. Ах, да, и да видам дали оставиле нешто од сладоледот.
Од кој веќе два пати си шверцував преку денот. Без да ме видат. И тоа се вика шверц, а не она на оној Богец што го притворија. И чија женичка не караше за референдумот за името. Оти еве, баграта го смени на државата, ама не гледам дека тоа некако ми ги храни децата, ако веќе работам во три наутро и јадам чоколадо купено на акција. Кое, патем, го крадам.
Стресувам со главата, три наутро, а мене во главата ми доаѓаат некаков Богец и неговиот срам од женичка, знам, за ваквите како мене кои немаат попаметна работа, и ова е време за „бистрење“ политика, ама и таму нема ништо. Освен ова во Тиват, каде Европа ни ветила дека не сака и ќе не сака. Многу. Најмногу на светот.
Што е убаво. Кога некој ти вели дека те сака. Нели? Само што, секогаш има едно „но“, кое на крајот се претвора во „не“ („увек има једно „али“ што девојци среќу квари“, велеше покојниот проф. Марјановиќ), а тоа кај нас се двата протокола кои велат дека за „сакањето“ да стане баш онака, вистинско „сакање“, треба дедо ми и баба ми, а богами и татко ми и мајка ми, да ги зпаишам како Бугари, за да може во Брисел да ми го потапкаат десното рамо, кое и онака од тапкање ми е прилично пониско од левото. И посино.
А проблемот е во двата фашизоидни протоколи, а не во тоа дали ќе ги внесеме Буагрите, во оној француски предлог против кој со денови протестиравме, откако претходно дозволивме, со помош на предавниците од времето на Грујо, кои уживаат во предавството и украдените милиони, една политички ментално заостаната банда на чело со Заев, безмалку живи да не закопаат во преговорите со соседите.
Соседи, на кои им симнувам капа, а нашата капа ја ставам преку очи, зашто тие кои тоа го сторија, почнувајќи од Заев, Димитров, на чија ќеркичка онаа од Правен и даде 40 000 долари и никому ништо, па Бујар, па Николовски земјделецот, па… ете ги живи и здрави, сега веројатно уживаат во некоја од нивните вили и јахти, додека ние овде се злопатиме со тоа дали за минимална од 27 илјади треба да си вршиш работата или да се сокриеш во некое ќоше додека не ти помине работното време.
И знам дека капата преку очи не врши работа, како ни главата во песок, туку треба нешто повеќе, ама засега тоа е тоа.
Но, едно треба да е јасно: каков и да ни понудат предлог од Брисел, ние никогаш нема да бидеме тоа што треба да бидеме, никогаш од нашите деца нема да создадеме вредни и чесни луѓе, ако на башибозукот не му вратиме со иста мера. Не предлог, ете членство од ЕУ нека ни дадат, од нас нема да биде ништо ако не го сториме тоа што треба да го сториме. Тоа е почеток, средина и крај на приказната. Или, што би рекол Јован Богослов – алфа и омега.
И веќе ми е досадно секоја семдица да го повторувам истото, ама тоа е едноставно законитост. Атеистичка и религиска. Сеедно на која страна сте.
Јас долго време не сум ниту на едната, ниту на другата страна, нити кај атеистите, ниту кај оние другите, а кој знае – можеби сум и со едните и во другите – само што ни првите ни вторите немаат одговор баш за се или поточно ама баш за ништо, па во тој поголед сум како еден од оние средни полови што западните комуњари (комуњари по мозокот, не по идеологијата) ги измислија, ама во законитоста сум сигурен.
Зашто, Македонија никогаш не им врати на тие што ја направија криминалната приватизација. И не ја исправи неправдата. И коренот на нејзиниот економски неуспех не лежи во тоа дека таа не сгана членка на ЕУ, туку дека оттогаш започна нејзиното руинирање. Телото почна да се распаѓа. И потоа со Заев и неговата банда следеше финалето. Финале кое сега се обидуваме да го преиграме, ама не оди. Едноставно не оди, се додека не се исправи искривеното. Се додека тие што беа за тоа што сега ни ја шири гангрената не само што не ни се непријатели, туку некои од нив ни станаа и сојузници. Како што после 1945 сите станаа и комунисти и партизани. Не оди тоа така, зар не?
Има многумина кои гледаат што се случува. И знаат што треба да се исправи. Ама повеќето од тие подоле се оние кои си „бркаат“ своја работа. Како што велеше еден разочаран илинденец кој во 1904 година бил во Софија: додека во Македонија уште стојат згариштата од изгорените куќи, луѓе од организацијата со пари од народот седат по кафеани со жени на колената. И се вратил дома, за да загине.
И на тоа треба да се му стави крај. Кога ако не веднаш. Кога ако не веднаш да се истегнат ушите на шарлатаните кои на државата гледаат како на Алајбегова слама, на оние кои не разбираат што значи држава, а од таа држава се хранат и кога ако не веднаш да се построи бандата која не доведе до тоа да сега ме принудуваат моите родители да ги запишам во националност на која не и припаѓале. Тоа е „услов без кој не се може“, да не се правам сега паметен па да го пишувам правниот принцип од римско време на латински.
Работата е едноставна. Во пракса не толку едноставна, ама се може. И што е уште поважно, се мора. Како што реков – „услов без кој не се може“.
А, инаку, Тиват и се околу Тиват, во заднина, барем според ова што сега го знаеме, ја има Украина, а не нас, Србија, Албанија и другите. Ама многу не сакале… да де, и ние многу ги сакаме. Па?
Тоа е тоа. Глуво доба на ноќта е, ја баталувам политиката. На памет ми паѓа една соседна државна агенција каде сега купиле 30 електрични автомобили. Фино. Ама мака ми е. Не за нив. Алал да им е.
Но, си велам недела е, ај остај „бош“ мисли, рано е, ја пуштам „Танго за Евора“, ја гледам Анџелина Џоли, оној нејзиниот „лепотан“ помалку, таа држи чашата со едната рака малку настрана од тажниот поглед, загледана е некаде во празнината, солза и потекува од окото, без да мрдне ја брише со двата прста… филмот продолжува, тие играат и тоа е една сосема друг свет, свет кој за нас е далеку. Ама тоа е сакање. Некои луѓе, така си ја сакаат Македонија. Може да се прави паралела? Да, може, зошто Македонија се сака и со срце и со душа.
И на памет ми доаѓа Бато Димитров и неговите последните редови од изминатиот понеделник: „Едвај излезен од пајажината на сонот, стојам во пижами уште долго време загледан во… Мислам дека беше животот. Сам сум. На работ сум на кворум. Сепак, одлуката ја донесувам едногласно.“
И јас едногласно ја донесувам одлуката. Ќе ја почекам светлината која ја чуваше ноќта од будните, а потоа нема да излезам од пајажината на сонот, туку ќе се заплеткам во нејзе. Да живее Македонија, чесна, вредна, напредна и горда. Откако ќе го исполниме „условот без кој не се може“.
Драко Јаневски, новинар (Текстот е преземен ид ФБ профилот на авторот)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата