logo
logo
logo

АХВ и Обвинителството во акција

АЛАРМ ВО ГОСТИВАР - Стотици граѓани со тешки стомачни симптоми, итно се проверува градскиот водовод!

Vecer | 17.07.2026

АЛАРМ ВО ГОСТИВАР - Стотици граѓани со тешки стомачни симптоми, итно се проверува градскиот водовод!

Исправноста на водата за пиење во градскиот водовод во Гостивар се проверува со вонредни контроли за да утврди дали има поврзаност со зголемениот број на пациенти со дигестивни проблеми. Во меѓувреме, од ОЈО на новинарско прашање одговорија дека за незаконска интервенција во водоводната мрежа, по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење.

Јавниот обвинител, Ненад Савески, информираше дека на подрачјето на ОЈО Гостивар се спроведуваат проверки во кои се вклучени сите надлежни институции со цел да се утврдат околностите на настанот и дали станува збор за кривично-правен случај.

-На подрачјето на Основно јавно обвинителство Гостивар се преземаат конкретни истражни дејствија во кои се вклучени сите потребни институции за да се утврди таа состојба. Дали станува збор за евентуално кривично-правен настан или од други аспекти – истакна Савески.

По појавата на зголемен број на граѓани кои изминативе десетина денови се жалеа стомачни симптоми, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира во градскиот водовод.

Загрижени граѓани тврдат оти забележале дека во резервоарот била приклучена нечиста вода.

Портпарлот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи потврди дека по наредба на јавен обвинител се преземаат за целосно расчистување на случајот.

- Поради сомнение за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“, предвидено и казниво по член 219 од Кривичниот законик во расчистувањето на овој случај вклучена е и полицијата- изјави Реџепи.

Од одделението за хигиена и здравствена екологија при центарот за Јавно здравје, ПЕ Гостивар, потврдија дека вчера е спроведена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места.

Што се однесува до водата и поради ситуацијата, направивме, покрај редовните и вонредни анализи. Последните резултати од анализите што ги направивме од понеделникот беа добри, односно физичко-хемиски и микробиолошки беа во ред. Вчера зедовме уште некои вонредни анализи, меѓутоа за нивните резултати треба да почекаме до утре или евентуално до понеделник. Така што, во моментов не можеме ништо конкретно да кажеме за нив, изјави за МИА, д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена од Центар за јавно здравје Гостивар.

Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број на прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.

Лекарите препорачуваат да се води повеќе сметка за хигиената и навиките, особено во летниот период кога температурите се високи, а ризикот од стомачни инфекции значително е зголемен.

- Луѓето сепак треба да бидат претпазливи поради зголемениот број на цревни заболувања, како со водата, така и со храната. Пред сè, не треба да консумираат храна што може да предизвика вакви заболувања, како што е термички неподготвената храна. Храната и намирниците треба да бидат свежи. Исто така, овошјето и зеленчукот треба добро да се измијат пред употреба. И се разбира, водата да се користи од места каде што сметаат дека е сигурна, препорачува д-р Мустафа.

Последните три анализи на водата од гостиварскиот водовод, направени изминатиов месец во одделението за хигиена и здравствена екологија на Центарот за јавно здравје покажуваат дека таа била здрава и безбедна за употреба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk